• Tuesday, 14 January 2025

Гаши: Прашањата за разрешувања или оставки се во надлежност на Комисијата за избори и именувања и пратениците

Гаши: Прашањата за разрешувања или оставки се во надлежност на Комисијата за избори и именувања и пратениците

Скопје, 14 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши попладнево преку соопштение информира дека неговата улога како претседател завршила со процесот на интерпелација на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути. Како што наведува Гаши, прашањата за разрешувања или оставки се во надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците. 

- Како претседател на Собранието, мојата главна одговорност е да го почитувам и спроведувам Деловникот и процедурите на Собранието. Во овој контекст, интерпелацијата до претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, г-ѓа Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и Уставот. Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците, вели Гаши.

Нагласува дека до него досега не е пристигнато официјално известување за оставка од ниту еден претседател на Комисија. 

- Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено. Секое друго толкување освен ова е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа, во која јас како претседател на Собранието нема да учествувам, вели Гаши.

Интерпелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демокграфија и млади, поднесена од пратеничката група на Левица, беше изгласана во петокот по што Кабинетот на претседателот на Собранието излезе со соопштение во кое наведе дека интерпелацијата нема правно-обврзувачки последици. 

Од опозициската СДСМ вчера го повикаа Гаши да ги каже следните чекори по интерпелацијата на Даути, додека од Движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција, побараа од Европскиот фронт да предложи нов претседател на Комисијата бидејќи претседателското место во оваа Комисија му припаѓа на Европскиот фронт.

И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска оценија дека Илире Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако беше изгласана недоверба по расправата за интерпелација покрената од пратеничката група на Левица.

- Не е важно кој покренал интерпелација и која била темата или причината, важно е дали е прекршен Деловникот за работа на Собранието или не е, рече на прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Преку писмено соопштение вчера се обрати и самата Даути која истакна дека соочена со изборот меѓу губењето на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, не се сомнева дека ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка. бак/ац/

Фото: МИА архива

 

You May Also Like