• Sunday, 01 September 2024

Вучиќ: Ако Бугарите и дозволат верувам дека и Македонија ќе стане членка на ЕУ, но не пред 2030 како и ние

Вучиќ: Ако Бугарите и дозволат верувам дека и Македонија ќе стане членка на ЕУ, но не пред 2030 како и ние

Белград, 31 август 2024 ( МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека не верува оти земјите-кандидати од регионот ќе станат членки на ЕУ пред 2030 година, додавајќи дека до таа година Украина ќе биде првата следна земја што ќе влезе во Унијата, јави дописникот на МИА од Белград.

-Потоа, верувам дека Србија, Албанија, Црна Гора и се надевам, ако Бугарите и дозволат на (Северна) Македонија да се приклучи, верувам дека и тие ќе се приклучат, но откако Украина се приклучи. Тоа е она што верувам, ќе видиме дали сум во право или не, рече Вучиќ на панелот „Пристапување на Западен Балкан во ЕУ“ организиран како дел од Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2024“ во Прага.

Тој оцени дека интересите на ЕУ одвреме-навреме се разликуваат од српските и истакна дека неговата оценка е дека земјите кандидати од регионот нема да влезат во ЕУ пред 2030 година.

-Имаме различни оценки за иднината на ЕУ, но сите сакаме да бидеме дел од ЕУ, сепак, не сме сигурни како ќе изгледа ситуацијата во земјите-членки на ЕУ. Она што е очигледно е дека Украина и Молдавија добиваат моментум, што е разбирливо, но во исто време постои и исцрпеност на јавноста во ЕУ на темата за проширување, рече Вучиќ.

Тој додаде дека најважно за Србија во меѓувреме е да преземе конкретни чекори.

-За нас е важно што поскоро да добиеме единствена европска платежна област, да добиеме зелени коридори, за нашите камиони, за нашата индустрија, кога извезуваме нешто во ЕУ и обратно. Да добиеме повеќе инвеститори, да спроведуваме процеси и реформите, кога станува збор за правосудниот систем...да привлечеме директни странски инвестиции, рече Вучиќ.

Тој изјави дека секогаш е прагматичен и дека не е голем сонувач и дека го интересира економскиот напредок на Србија.

-Успешно ги престигнавме сите во Западен Балкан, иако пред 10 години бевме на четвртото место. Сега од четвртото место во регионот дојдовме до првото место по речиси сите параметри, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија мора да се промени на одреден начин пред да влезе во ЕУ, да спроведе одредени реформи, но и, наведе, дека ЕУ ќе мора да го прифати фактот дека имаме различни гледишта за одредени прашања, кои не треба да влијаат на единството во ЕУ.

-Кога зборуваме за Повелбата на ОН или кога зборуваме за резолуциите на ОН, факт е дека Русија започна агресија врз Украина, а кога ќе прејдете на оваа тема на Србија, што ќе правиме ние со нашите повелби и резолуции 1244 кои се однесуваат на територијалниот интегритет на Србија, тоа се некои прашања на кои гледаме поинаку и знаеме дека не можеме да бидеме дел од ЕУ пред да ги решиме на таков начин што и двете страни не бидеме подеднакво незадоволни и подеднакво задоволни, заклучи Вучиќ.об/