Врачена наградата „Григор Прличев“ на лауреатот Братислав Ташковски
- Наградата што го носи неговото има не само што е престижна, таа е темелна во смисла на тоа дека се повторуваат оние работи за кои Прличев се борел и залагал во неговото време – да ги разбие догмите, да живееме во слобода, да не бидеме под туѓи јазични медиуми...Тоа го истакна Братислав Ташковски, годинешниот лауреат на поетската награда „Григор Прличев“ што традиционално се доделува во чест на охридскиот поет-преродбеник
Охрид, 5 февруари 2025 (МИА) – Григор Прличев е носител на еден од основните поетски и духовни столбови на нашето постоење. Наградата што го носи неговото има не само што е престижна, таа е темелна во смисла на тоа дека се повторуваат оние работи за кои Прличев се борел и залагал во неговото време – да ги разбие догмите, да живееме во слобода, да не бидеме под туѓи јазични медиуми...Тоа го истакна Братислав Ташковски, годинашниот лауреат на поетската награда „Григор Прличев“ што традиционално се доделува во чест на охридскиот поет-преродбеник.
Ташковски истакна дека наградата „Григор Прличев“ како признание е голема, прво што таа се доделува на анонимен конкурс, на начин како што самиот Прличев бил овенчан во Атина со ловоров венец за неговата поема „Сердарот“.

- Многу сум среќен што оваа година јас сум добитеник на таа награда, тоа ме прави навистина горд. Имам добиено многу награди, присутен сум, меѓутоа оваа награда е една од тие, можеби таа што најмногу ми значи, рече лауреатот.
За поемата како форма на поетско изразување Ташковски истакна дека како израз има свои специфики, но основното е тоа што независно каква е таа, дали е епско-јуначка како поемите на Прличев, балада, може да биде исповед, но секако мора авторот да води сметка да бидат запазени основните форми на метричкиот систем.
- Доколку авторот смета дека или може да ја запази версификацијата, која денеска е речиси испадната од мода, но таа е елемент на поемата, заедно со метричкиот истем, наративот, дејстивето фабулата...Има поеми со драмски елементи, поеми со исповедни тонови, но поемата е пред се дел од поезијата - мора да ја содржи онаа главната, елементарна нишка на добра песна, рече Ташковски.
За неговиот награден труд „Темна кутија“ самиот автор вели дека е лирско-исповедна поема, нешто што го напишал сега, но што долго време го носел во себе.
- Сега во изблик на творење, се случува она што се случува, ќе ги напишеш тие работи, но во во суштина тоа е поетско објаснување на борбата на доброто со лошото. Традиционално човекот од кога постои се бори, избира, пребира, се бунтува против она што се случува. Поемата има метафори, пеколот - рајот, небото- земјата, она што ги носи сите поети писатели низ времето. Многу се радувам што Комисијата се решила да ја награди токму мојата поема, рече лауреатот Ташковски.
Славе Ѓорѓо Димоски, претседателот на Комисијата што ја доделува наградата истакна дека од седумте поеми доспеани на конкурсот „Темна кутија“ уште при првото читање се издвоила, отскокнувајќи од останатите дела со своите поетски елементи, со логичкиот след на наративот од почеток до крај, вешто создавајќи слики во главата на читателот...

- Тоа е поема која врзува многу цивилизациски слоеви, од митологија, антика до денес. Во неа поетот трага по идентитетот, неговото место во системот, во општеството...Се чувствува една резигнација дека оној што се занимава со литература, поезија, тешко наоѓа простори, мигови за да егзистира денес. Тоа го сфаќам како пандан на романтичарското сфаќање на литературата, рече Димоски.
Инаку, свеченоста на врачувањето на наградата на годинешниот лауреат за најдобра поема е централниот настан во рамки на пошироката манифестација „Прличеви беседи“ со која Охрид и Македонија се сеќаваат на ликот и делото на поетот-преродбеник Григор Прличев.
Чествувањата за Прличев продолжуваат утре со положување цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, како и панихида и полагање цвеќе на гробот на Прличев кај црквата Св. Богородица – Перивлепта.
Од 11 часот во Спомен-куќата на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во рамки на кои ќе биде изведена песната „1762 лето“, ќе има обраќање на претставник на Општина Охрид, ќе бидат врачени два примерока од книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски отпечатена во Брајово писмо на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид, како и врачување на наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“. Потоа ќе следи читање на наградените литературни творби и промоција на книгата „Охридска книжевна историографија“ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Во 12:30 часот предвидено е полагање ловоров венец и цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, а од 13 часот во библиотеката „Григор Прличев“ ќе се одржи „Прличева визита“, со премиера на документарниот филм „По стапките на Прличев“, труд на м-р Милчо Јованоски, а ќе биде врачена и наградата Софија Стојанова, авторката чија беседа беше избрана за најдобра на отворениот конкурс.
Со манифестацијата „Прличеви беседи“, востановена пред повеќе од шест децении, се одбележува годишнината од упокојувањето на на македонскиот книжевен великан пред 133 години. аб/са/
Фото: МИА