• Sunday, 29 December 2024

Во Штип продадени 270 станови, од кои 135 се нова градба

Во Штип продадени 270 станови, од кои 135 се нова градба

Штип, 28 декември 2024 (МИА) - Расте побаравачката за купување на станови во Штип. Во текот на 2024 година продадени се вклупно 270 станови во згради за колективно домување, покажуваат податоците на Општина Штип.

Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип вели дека 270 станови кои се продадени, од нив 135 се нови станови и според договорите цената на новите станови се движи од 800 евра за метар квадратен, а  највисоката достигнува и од 1380 евра за метар квадратен. По сите основи, од сите имоти, од данок на промет општината има инкасирано  1 250 000 евра.

За разлика од претходните години кога станови купуваа и граѓани од Турција, годинава во главно се работи за домашни инвеститори, поточно, локални купувачи. Во моментот во градба се околу 200 станови, кои догодина треба да се евидентираат во даночното одделение.

Лазар Хаџи Николов раководител на Секторот за урбанизам во Општина Штип, вели за изградба на куќи, општината на јавна лицитација продаде десет градежни парцели во приградската населба Три Чешми.

-Бидејќи се покажа дека граѓаните, јавноста, има интерес да инвестираат во овој дел од градот, ние како Општина, веќе и во самата Програма за отуѓување на градежно земјиште имаме предвидено отуѓување и на други градежни парцели за оваа намена кои се наоѓаат во истиот плански опфат, изјави Хаџи-Николов.

Втора локација на која граѓаните ќе можат да градат куќи за индивидуално домување е помеѓу населбите Сењак и Баби. 

-Во Програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 година, која е веќе донесена од страна на Советот на општината, се предвидени вкупно 44 изработки на плански решенија, рече Хаџи-Николов.

Тој посочи дека дел од нив се финасирани од страна на заинтересирани приватни инвеститори, а остатокот од буџетот на општината. вдј/ац/

Фото: МИА