• Thursday, 05 February 2026

Во Крива Паланка продолжуваат социјалните услуги за жителите од трето доба

Во Крива Паланка продолжуваат социјалните услуги за жителите од трето доба

Крива Паланка, 5 февруари 2026 (МИА) – Со потпишување на договорите за продолжување на двете социјални услуги, нега и грижа во домот и центар за дневен престој на стари лица со активно стареење, за кои Општина Крива Паланка аплицираше за поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, обезбеден е континуитет на социјалните услуги кои носат сигурност и грижа за лицата од трето доба од општината.

Од службата за комуникација со јавноста информираат дека Општина Крива Паланка и оваа година го продолжува континуираното и системско залагање за унапредување на социјалната заштита и грижата за своите сограѓани, преку соработка со Општинската организација на Црвен крст – Крива Паланка и поддршка од МСПДМ.

-Градоначалникот, Сашко Митовски,  ги потпиша договорите со кои се обезбедува континуитет на веќе докажаните и неопходни социјални услуги: помош и нега во домашни услови, услуга која обезбедува сигурна, навремена и достапна поддршка за лица на кои им е потребна континуирана грижа во нивната домашна средина, за која се обезбедени средства мво висина од 18.323.200 денари, како и центар за дневен престој на стари лица – активно стареење, услуга насочена кон подобрување на квалитетот на животот на повозрасните лица, преку активно, достоинствено и социјално вклучено секојдневие, за што се обезбедени средства во износ од  6.058.800 денари. Со потпишувањето на овие договори, Општина Крива Паланка на чело со градоначалникот Митовски ја потврдува својата трајна определба за континуирана и сеопфатна грижа за секој еден сограѓанин и унапредување на социјалната благосостојба во општината, посочија од службата за комуникација со јавност при Општина Крива Паланка.

Митовски денеска посети на дел од корисниците на услугата помош и нега во домашни услови.

-Ми претставува вистинска радост да се уверам од непосреден увид и разговор со корисниците дека услугата навистина го исполнува своето значење  обезбедува континуирана грижа, внимание и чувство на сигурност во домовите на оние кои најмногу имаат потреба од тоа. Особено ме радува што оваа мерка продолжува континуирано, во соработка со Црвен Крст со поддршка на МСПДМ, обезбедувајќи стабилност и непречено спроведување на услугата. Искрените впечатоци и позитивни реакции од корисниците и нивните најблиски ми значат многу и се силна потврда за важноста на оваа услуга, рече Митовски.

Во Крива Паланка тековно се ангажирани 40 негуватели кои пружаат услуги за нега и грижа во домот на 100 корисници, додека во дневниот центар за стари лица редовно се активни и ги користат услугите 50 корисници од трето доба.

Во рамки на заедничкото делување и партнерска соработка Црвен Крст Крива Паланка посочува дена активностите и понатаму ќе се реализираат со високо ниво на посветеност и професионалност.

-Сите активности продолжуваат посветено и професионално да се реалзиираат, исклучително во насока на подобрување на квалитетот на живот на лицата од трето доба, имајќи ја предвид постојаната и и зразена потреба од ваков вид поддршка, изјави Маја Илиевски, в.д.секретар ан ОО Црвен Крст, Крива Паланка, како институција што ги реализира и пружа услугите.

Посочи дека остануваат посветени на грижата за корисниците и секогаш се таму кадешто се најпотребни, продолжувајќи со уште поуспешни и позначајни резултати.ид/

Фото: МИА