Во Велес порибени Вардар со 200 килограми крап, а Тополка и Бабуна со 80 килограми пастрмка
- Здружението на Спортски риболовци „Бабуна“ на неколку локации од велешкиот ревир изврши порибување со 200 килограми подмладок на риба крап на реката Вардар и со 80 килограми подмладок риба пастрмка на реките Тополка и Бабуна.
Велес, 31 декември 2024 (МИА) - Здружението на Спортски риболовци „Бабуна“ на неколку локации од велешкиот ревир изврши порибување со 200 килограми подмладок на риба крап на реката Вардар и со 80 килограми подмладок риба пастрмка на реките Тополка и Бабуна.
Како што информира Даниел Наумовски, претседател на ЗСР „Бабуна“ ова е годишно порибување согласно обврските на здружението кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а самото порибување го надгледувал инспекторот за земјоделство и водостопанство Димче Купенков.
Наумовски појасни дека порибувањето на Тополка и Бабуна било извршено со пастрмка бидејќи оваа риба опстојува само во чисти води. Посочи дека годинава од страна на ЗСР „Бабуна“ не е извршено порибувањето на езерото „Младост“ како концесионер на водите на ова езеро, бидејќи според препораката на Хидробиолошки завод од Охрид, кој оваа година изврши анализа на земени мостри на вода, водата на велешкото езеро „Младост“ не е исправна и не е добро да се пушти подмладок на риба.
-Затоа годинашното порибување на езерото „Младост“ го одложивме за понатаму во новата 2025 година, кога езерото ќе биде надополнето со свежа вода и водата ќе биде чиста и исправна за да може да се одгледа подмладокот, најави Наумовски.
Информира дека порибувањето на реките Вардар, Тополка и Бабуна било извршено пред неколку дена и додаде оти не биле повикани медиумите. Медиумите, како што рече, се известени сега затоа што во изминатите години имало случаи веднаш по објавувањето на веста за порибување, рибокрадци веднаш да отидат на локациите каде е порибено и да го уловат подмладокот и со тоа да нанесат огромна штета по подмладокот на рибниот фонд.
Како и во изминатите години, подмладокот на риба крап и пастрмка од страна на ЗСР „Бабуна“ бил набавен од фирмата за одгледување подмладок на риба „Акватика“ од Неготино. ад/мд/
Фото: МИА архива