• Friday, 10 January 2025

Во Велес времен сообраќаен режим за тешки возила ноќе, додека трае санацијата на мостот кај Башино Село

Во Велес времен сообраќаен режим за тешки возила ноќе, додека трае санацијата на мостот кај Башино Село

Велес, 9 јануари 2025 (МИА) - Во координација со сите институции и приватниот сектор, Советот на Општина Велес на вонредна седница  донесе одлуката, во наредниот период, сообраќајот да се одвива времено додека трае санацијата на мостот кај Башино Село на влезот во Велес.

Како што соопштија од Општина Велес, за да избегне метеж, товарниот сообраќај се ограничува временски ноќе во периодот од 22:00 до 06:00 часот. По барање на стопанствениците се воведува и дополнителен термин  за влез на товарни возила со конвој во 09:00 часот, како и за излез со конвој во 18:00 часот. За време на забраната на движење обезбедени се паркинг површини во терминал кај мотел „Македонија“.

Со оваа одлука товарниот сообраќај за влез во Велес се пренасочува од влезот на Велес, од клучка кај село Караслари низ Долнидуќани на улица „Димко Најдов“. Потоа продолжува право по улица „8 ми Септември“ каде заради побезбедно одвивање на сообраќајот се забранува да се паркираат автомобили на коловозот за да се добие поширока сообраќајница. Сообраќајот на улиците „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“ (зад судот) ќе се одвива во една насока. На улицата 8 ми Септември, од плоштад С’рмаале до Пошта се забранува паркирање на улицата за побезбедно разминување на товарните возила. Од еднонасочен, сообраќајот на улицата „Алексо Демниевски“, на потегот од пошта до семафорите се преуредува во двонасочен, а после семафорите останува да важи постоечкиот режим на сообраќај.

За излез од Велес, се наведува во соопштението, товарните возила од семафорите ќе се движат по улицата „Алексо Демниевски“ на која ќе се одвива двонасочен сообраќај. Потоа ќе се движи по улицата „8 ми Септември“, од пошта кон кружниот тек на С’рмаале по еднонасочниот дел кај пешачката зона кон кружниот тек кај Коњаникот  кон Градскиот саат и право по улицата „Димко Најдов“ кон излезот на Велес кон клучката на автопатот кај село Караслари. ад/цр

Фото: МИА архива

You May Also Like