• Friday, 18 October 2024

Во акцијата „Премин“ уапсени 15 цариници и еден полицаец

Во акцијата „Премин“ уапсени 15 цариници и еден полицаец

Струмица, 16 октомври 2024 (МИА) - Петнаесет цариници и еден полицаец се уапсени во вчерашната полициска акција под кодно име „Премин“, соопштија попладнево од Јавното обвинителство.

Спшоред соопштението, во текот на акцијата беа извршени претреси на 26 локации во струмичко-гевгелискиот регион и при тоа се лишени од слобода 14 царински службеници од Царинската управа на РСМ, еден пензиониран царински службеник и еден полициски службеник. Со оглед дека во текот на предистрагата биле спроведени посебни истражни мерки, при претресите беа пронајдени паричните средства што биле примени како поткуп, во вкупен износ од 50.000 евра.

Предметниот јавен обвинител, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР против 15 лица, денеска донел наредба за спроведување на истражна постапка против 16 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Примање поткуп од чл.357 ст.1 од КЗ, додека за две лица пријавени за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 од КЗ ќе се спроведе скратена постапка. 

-Од прибавените докази во текот на предистражната постапка, произлегува дека осомничените како вработени во Царинската управа на РСМ, а распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период започнувајќи од 21.03.2023 година, па сѐ до вчера,15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа. Така, увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки, стои во соопштението на ЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднел предлози за определување на мерка притвор спрема шестмина осомничени, додека за останатите десет осомничени лица предложи мерки на претпазливост-обврска за повремено јавување на определено службено лице, привремено да им бидат одземени патните исправи за преминување на државна граница и забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело.

Во соопштението се додава дека според Кривичниот законик за кривичното дело Примање поткуп запретената казна е од четири до десет години затвор, додека за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување е предвидена казна затвор од шест месеци до три години. рт/аа/

Фото: МИА архива