Влада: Законот за заштита на децата ќе биде доработен и доставен до Собранието
- По непотпишувањето на Указот на Законот за заштита на децата од страна на претседателката на државата вечерва од Владата во изјава за МИА информираа дека Законот ќе се доработи и дека ќе биде доставен во Собранието во законските рокови.
Скопје, 5 јануари 2025 (МИА) - По непотпишувањето на Указот на Законот за заштита на децата од страна на претседателката на државата вечерва од Владата во изјава за МИА информираа дека Законот ќе се доработи и дека ќе биде доставен во Собранието во законските рокови.
- Како Влада информираме дека Законот ќе се доработи и истиот ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури, се вели во одговорот од Владата.
Пратениците го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, сега законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.
Од Собранието за МИА потврдија дека образложението на претседателката Сиљановска-Давкова е доставено на 31 декември.
Во образложението на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова се наведува дека законските измени содржат повеќе спорни одредби и дека по спроведена темелна анализа и експертски консултации бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.
- Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот, пишува во документот.
Претседателката наведува дека посочените членови од Законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците.
- Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон, се наведува во образложението.
Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.
Непотпишувањето на Указот денеска го поздравија од опозициската СДСМ и од лидерот на Левица, а преку соопштение реагираа од Демократската унија за интеграција наведувајќи дека ова е обид за поткопување на правата на Албанците. фф/бак/
Фото: МИА архива