Владата и УПОЗ се договорија за зголемување на платите, се чека да се изјаснат органите и телата на синдикатот
- Владата го прифати барањето на УПОЗ, но не во целост, и важно е дека се прифати да се исплаќаат додатоците на плати за работниците во државната управа и правосудството, изјави претседателот на Синдикатот, Трпе Деановски, по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски и владини претставници.
- Post By Борис Куноски
- 13:04, 5 February, 2026
Скопје 5 февруари 2026 (МИА) - Владата го прифати барањето на УПОЗ, но не во целост, и важно е дека се прифати да се исплаќаат додатоците на плати за работниците во државната управа и правосудството, изјави претседателот на Синдикатот, Трпе Деановски, по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски и владини претставници.
- Како што најавуваме минатата година, ќе бидат на неколку години, на 3 рати, по 8 проценти, за жал, не по 10. Пак ќе повторам, за жал, не ги добивме минатата година, меѓутоа, еве, Владата прифати да ги исплаќа од сега со почетокот од март преку начин што сите институции од државната управа и правосуството, значи судовите, обвинителствата... ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право - рече Деаеновски.
Појасни дека за ова да се реализира, треба се спреми текстот на овие колективни договори заедно со претставниците на Владата и Синдикатот. Потоа договорите треба да бидат ставени на гласање пред органите и телата на Синдикатот.
Тој нагласи дека ако членовите ги прифатат договорите, ќе може веднаш да се продолжи со нивно потпишување.
- Доколку не прифатат, Владата ќе добие наш одговор дека веќе е изгубена една година, а работниците можеби ќе бараат и повисоки износи од она што сега е понудено и ди видиме дали ќе има условување од Владата за откажување од нешто другото - изјави Деановски.
Во меѓувреме, УПОЗ преку соопштение информира дека денеска во 15.30 часот ќе биде свикан состанок на органите и телата за да бидат информирани за новата состојба.
- Зголемувањето на платите за сите вработени во управата и правосудството е поголемо од веќе обезбеденото зголемување со Општиот колективен договор за јавниот сектор како поповолно право за работниците. Дополнително, во пресметката на платите на вработените како компонента на платата останува минималната плата, а борбата за зголемување на минималната плата за сите работници продолжува сè до нејзино зголемување, а со тоа и зголемување на платите на сите работници што во својата пресметка на плата ја имаат минималната плата. Платата во единиците на локалните самоуправи може да се зголемува преку склучување поединечни колективни договори - стои во соопштението од УПОЗ.
Денешната средба следуваше откога премиерот даде понуда за раст на платите за која УПОЗ потврди дека е прифатлива и дополнително ќе се разговара во рамките на синдикалните организации.
Мицкоски, одговарајќи вчера на новинарски прашања во врска со актуелните разговори за покачувањата на минималната плата и зголемувањето на платите за вработените во јавната администрација со синдикалните претставници, рече дека Владата има своја формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата.
- Повеќето од претставниците на синдикатите, и репрезентативните и од гранските, се согласни со таа позиција на Владата, со неколку исклучоци. Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа е како ќе следува покачувањето на платите на административците, етапно ќе значи и повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата - рече Мицкоски.бк/са/
фото: принтскрин