• Wednesday, 25 December 2024

Верниците кои се придржуваат до Грегоријанскиот календар денеска го прославуваат Божик, денот на раѓање на Исус Христос

Верниците кои се придржуваат до Грегоријанскиот календар денеска го прославуваат Божик, денот на раѓање на Исус Христос

Рим, 25 декември 2024 (МИА) - Верниците од Римокатоличката црква, протестантската и англиканската црква, како и некои православни цркви кои го прифатија новото сметање на времето, денеска го слават Божик, денот на раѓањето на Исус Христос.

Според традицијата, овој ден се поминува со семејството и во заедничка молитва. Рано наутро верниците присуствуваат на миса, по што следи семеен ручек.

Според Библијата, Исус е роден од Девица Марија, која зачнала безгрешно, а при породувањето ѝ помагал нејзиниот сопруг Јосиф. Исус е роден во штала во градот Витлеем пред повеќе од 2.000 години, опкружен со домашни животни, поради што верниците на Божик поставуваат јасли и фигури на овци под новогодишната елка.

Обичајот во црквите да се постават јасли, со фигури кои потсетуваат на лошите услови на шталата во која се роди Христос, датира од 13 век. И верниците денес имаат такви јасли во своите домови.

Домовите на верниците за Божик се посебно украсени, а речиси секој дом има елка под која се оставаат подароци за најмладите членови на семејството.

Во куќите на верниците на Римокатоличката црква, адвентскиот венец е исткаен од слама и борови гранки, украсен со виолетови ленти и има четири црвени свеќи, поради четирите недели пост, кои се палат една по една, секоја недела пред Божиќ.

Според евангелската традиција, Исус Христос е роден на 25 декември во Витлеем, па и покрај разликите во календарите, тој датум се почитува во целиот христијански свет како почеток на нова ера и нова историја на човештвото.

Во христијанството се верува дека раѓањето Христово ја донело светлината на вистината на човечкиот род и дека овој настан го исполнил старозаветното пророштво за раѓањето на Спасителот. ссм/

фото: архива