• Friday, 18 October 2024

Велковски: Наша обврска е да се грижиме за бездомните лица

Велковски: Наша обврска е да се грижиме за бездомните лица

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Во рамките на македонско-австриската соработка, на денеска и утре во Скопје се одржува дводневна работилница со цел размена на искуства за услуги за бездомни лица/лица без сопствен дом, соопштија од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Воведни обраќања на работилницата имале заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и австрискиот аташе за социјални прашања, Харалд Фугер.

Говорејќи за бездомништвото во државата, заменик министерот Велковски посочил дека во досегашната пракса биле применети различни пристапи за решавање на овој комплексен проблем. Воедно, тој нотирал дека останува потребата од поголема вклученост и координација на повеќе ресори во насока на надминување на проблемите со кои се соочува оваа категорија на лица.

-Тука е пред сѐ здравствениот сектор со програми за ментално здравје на оваа категорија, станбениот сектор и достапноста на домови со субвенционирана станарина, како и образовниот сектор со достапни програми и начини за доквалификација и стекнување со неопходниот степен на образование за лицата кои го немаат, рекол Велковски.

Заменик министерот пред присутните ги навел мерките за помош и поддршка на бездомните лица во системот за социјална заштита, како и активностите поврзани со развивање и давање социјални услуги од страна на општините за задоволување на потребите на најранливите категории на граѓани, вклучувајќи ги и бездомните лица. Исто така, биле спомнати и активните мерки и политики за вработување, како и социјалното претприемништво.

Според него, има многу начини да се помогне во борбата против бездомништвото, а наша обврска е да изнаоѓаме одржливи и долгорочни решенија кои го зајакнуваат и гарантираат пристапот до основните социјални услуги, вклучувајќи го домувањето, вработувањето, образованието, здравствената и детската заштита. сст/цр

фото Министерство за социјална политика, демографија и млади