• Saturday, 26 October 2024

Бислими: Средбата со Лајчак и Петковиќ во Брисел заврши без резултати на „важните теми“

Бислими: Средбата со Лајчак и Петковиќ во Брисел заврши без резултати на „важните теми“

Приштина, 24 октомври 2024 (МИА) – Вицепремиерот и главен преговарач на Косово во преговорите со Србија, Бесник Бислими, изјави дека на трипартитната средба одржана денеска во Брисел со Петар Петковиќ од Србија, под посредство на емисарот на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак, немаше резултати во однос на прашањето за напредување во нормализацијата на односите меѓу двете држави.

Според извештаите од Брисел на приштинските медиуми, Бислими средбата со Петковиќ ја нарече „неуспешна рунда“ преговори и ја обвини Србија дека инсистира на делумно спроведување на договорите. Ваквото однесување на Белград тој го опиша како „несериозно“.

„Нема никакви резултати во однос на напредокот во нормализацијата на односите. Србија сé уште инсистира на делумна имплементација, според идејата ‘ние правиме нешто, вие правите нешто’“, изјави косовскиот вицепремиер пред новинарите во Брисел по средбата.

Сепак, според него, има позитивни движења и во други теми.

„Се договоривме да формираме работна група, за усогласување на 20 ветеринари, кои ќе работат на граничните премини меѓу Косово и Србија, за да побараме трајно да бидат сместени санитарните инспектори на (граничниот премин) Бела Земја. Од господинот Лајчак бевме информирани дека во Белград има големи ветувања дека до крајот на следниот месец ќе бидат пуштени интерконективните линии, што беше дел од енергетскиот договор“, рече Бислими.

Тој, како што пренесува МИА, рече дека се разговарало и за слободата на движење, при што, според него, Лајчак ја подвлекол важноста на центарот за технички преглед што Владата на Косово го отвори на север, како и на други чекори преземени од властите во Приштина во тој косовски регион, населен со мнозинско српско население.

„Имаше барање да се постигне договор за дозволување на посетите на главните преговарачи, но сметаме дека договорот како што беше потпишан претходно треба да се почитува. Допревме различни теми, но за жал нема придвижување на главната тема што е важна - напредокот кон нормализација“, повтори Бислими.

Како заклучок, косовскиот главен преговарач денешната рунда преговори ја нарече „прилично голем неуспех“.

„Имавме наши коментари за секвенциониот план, каде покажавме со какви подобрувања тој план ќе биде прифатлив за косовската страна. Додека Србија воопшто не влезе во дискусија. Србија претпочита да оди напред само делумно, при што страните се обврзуваат само на еден елемент од договорот за негово спроведување. Мислам дека тоа е прилично голем неуспех на оваа рунда, бидејќи тоа беше главна тема на денешните разговори“, рече Бислими.

Тој изјави дека на средбата со Лајчак и Петкоквиќ побарал од Србија да го предаде Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на партијата на ксоовските Срби, Српска листа, кој ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во Бањска, во северно Косово, во септември минатата година. иа/