• Monday, 07 October 2024

Антисемитизмот во САД порасна за 200 отсто за време на конфликтот Израел-Хамас

Антисемитизмот во САД порасна за 200 отсто за време на конфликтот Израел-Хамас

Вашингтон, 6 октомври 2024 (МИА) - По нападот на палестинскиот Хамас на Израел на 7 октомври 2023 година, во САД се регистрирани над 10.000 антисемитски инциденти, што претставува најголем број во една година, покажуваат прелиминарните податоци од истражувањето на Лигата за антидефамација (АДЛ).

Ова е највисок број на инциденти против припадниците на еврејската заедница, вклучувајќи злосторства од омраза, навреди, малтретирања и вандализам откако АДЛ почна да ги следи овие настани во 1979 година, пренесе Аксиос.

Бројот на овие инциденти е зголемен за повеќе од 200 отсто во споредба со истиот период претходната година.

Бројот на антисемитски, исламофобични и антиарапски инциденти драстично порасна за време на конфликтот меѓу Хамас и Израел, што предизвика остри реакции на колеџите низ САД. Најмалку 1.200 инциденти се случиле на универзитетските кампуси, додека 2.000 се забележани во еврејски институции.

- Американските Евреи од 7 октомври не знаат за мир, изјави извршниот директор на АДЛ, Џонатан Гринблат. Тој додаде дека, наместо тоа, се соочуваат со огромен број на закани и повици за насилство врз Израелците и Евреите.

По нападите, администрацијата на претседателот Џо Бајден презеде неколку нови иницијативи како одговор на растечкиот антисемитизам низ целата земја. ссм/

фото: АДЛ