• Monday, 28 October 2024

Ал Сиси вели дека Египет предложил дводневен прекин на огнот во Газа (ДПЛ)

Ал Сиси вели дека Египет предложил дводневен прекин на огнот во Газа (ДПЛ)

Каиро, 27 октомври 2024 (МИА) – Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси денеска изјави дека неговата земја предложила иницијатива за дводневен прекин на огнот во Газа за време на кој четворица израелски заложници ќе бидат ослободени во замена за ослободување на одреден број палестински затвореници.

- Во текот на изминатите неколку дена, Египет направи напори да покрене иницијатива за придвижување на ситуацијата и запирање на огнот на два дена, а четворица заложници ќе бидат разменети со некои затвореници во израелските затвори, откри египетскиот претседател.

Ал Сиси додаде дека во рок од десет дена ќе се преговара за завршување на процедурите во Појасот Газа.

Египетскиот претседател ова го изјави за време на прес-конференцијата со алжирскиот претседател Абделмаџид Тебуне во палатата Итихадија во Каиро.

Катар, САД и Египет со месеци посредуваат меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас во обид да склучат примирје во Газа и договор за ослободување на заложниците.

Изјавата на Ал-Сиси дојде додека шефот на израелската надворешна разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барнеа, треба денеска во заливската држава Катар да разговара за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас. јт/