Албанија на 18 февруари ќе биде домаќин на Економскиот форум на Коридорот 8
- Во овој контекст, паневропскиот коридор 8, кој ги поврзува Јадранското со Црното Море, се консолидира како еден од најстратешките проекти за инфраструктура и поврзување за Југоисточна Европа и пошироко. Како составен дел од Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), коридорот 8 ги поврзува Албанија, Северна Македонија и Бугарија, протегајќи се кон Италија и Романија, стои во објавата
Тирана, 5 февруари 2026 (МИА) – Албанија на 18 февруари ќе биде домаќин на Економскиот форум на Коридорот 8, објави денеска Министерството за Европа и надворешни работи (МЕНР), оценувајќи дека Европа влегува во клучна фаза, каде што поврзаноста, стабилноста и регионалната интеграција стануваат фундаментални столбови на безбедноста и економскиот развој.
„Во овој контекст, паневропскиот коридор 8, кој ги поврзува Јадранското со Црното Море, се консолидира како еден од најстратешките проекти за инфраструктура и поврзување за Југоисточна Европа и пошироко. Како составен дел од Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), коридорот 8 ги поврзува Албанија, Северна Македонија и Бугарија, протегајќи се кон Италија и Романија, стои во објавата на веб страницата на Министерството.
Овој коридор, се додава, ја зајакнува регионалната поврзаност, ја зголемува колективната безбедност и придонесува за стабилноста исток-запад на европскиот континент а како важен чекор во унапредувањето на овој проект ќе биде токму Економскиот форум што ќе се одржи во Тирана.

На Форумот ќе учествуваат претставници на влади, европски институции, меѓународни финансиски институции и деловната заедница, со цел забрзување на инвестициите, продлабочување на регионалната соработка и конкретизирање на економските придобивки за граѓаните и бизнисите во регионот.
„Напредокот на коридорот 8 значи не само развој на инфраструктурата, туку и одржлив економски раст, создавање нови трговски можности и зајакнување на европската интеграција на регионот. Албанија ја потврдува својата целосна посветеност на тесна соработка со регионалните и европските партнери, со цел да го трансформира овој коридор во моќен мотор на интеграција, одржлив развој и заеднички просперитет, се нагласува во објавата на албанското МЕНР. вт/рп/
Фото: Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија