Јапонија ја обвини кинеската хакерска група „Мирорфејс“ за кибер-нападите во последните пет години
- Националната полициска агенција во Токио соопшти дека анализата на целите, методите и инфраструктурата на кибер нападите, наводно извршени од „Мирорфејс“ од 2019 до 2024 година, покажала дека станува збор за систематски напади поврзани со Кина за да се украдат јапонските податоци за националната безбедност и напредната технологија, пренесуваат американските медиуми.
- Post By Сашко Димевски
- 14:16, 8 janar, 2025
Токио, 8 јануари 2025 (МИА) - Јапонската полиција денеска соопшти дека кинеската хакерска група „Мирорфејс“ (Mirrorface) е поврзана со кибер-нападите што во последните пет години беа насочени кон јапонската национална безбедност и високотехнолошките податоци.
Националната полициска агенција во Токио соопшти дека анализата на целите, методите и инфраструктурата на кибер нападите, наводно извршени од „Мирорфејс“ од 2019 до 2024 година, покажала дека станува збор за систематски напади поврзани со Кина за да се украдат јапонските податоци за националната безбедност и напредната технологија, пренесуваат американските медиуми.
Нападите наводно биле насочени кон министерствата за надворешни работи и за одбрана на Јапонија, јапонската вселенска агенција, како и поединци, вклучувајќи политичари, новинари, приватни компании и високотехнолошки тинк-тенкови.
Експертите постојано изразуваа загриженост за ранливоста на Јапонија во кибер безбедноста, особено затоа што таа ги зајакнува своите одбранбени способности и поблиску соработува со САД.
„Мирорфејс“ наводно испраќала е-пошта со прикачени вируси до целни организации користејќи украдени идентитети, соопшти полицијата.
Во е-поштата, имињата како „Јапонско-американска алијанса“, „Тајвански теснец“, „Руско-украинска војна“ и „Слободен и отворен Индо-Пацифик“ често се користеле како теми, а наводно вклучувале и покана за студиски панел, референци и список на панелисти. Понатаму, кинеските хакери, од февруари до октомври 2023 година, наводно ги напаѓале јапонските организации во воздушната, полупроводничката, информациската и комуникациската област, искористувајќи ги слабостите во виртуелните приватни мрежи за да добијат неовластен пристап до информации.
Нападнати беа и јапонската Агенција за воздухопловство и истражување и пристаништето Нагоја.сд/