• e mërkurë, 25 dhjetor 2024

Центарот за развој на североисточниот плански регион реализираше проекти од областа на животна средина и развој на туризмот

Центарот за развој на североисточниот плански регион реализираше проекти од областа на животна средина и развој на туризмот

Куманово, 24 декември 2024 (МИА) - Набавка на полуподземни контејнери, развој на регионални патишта до туристички цели, реконструкција на стари објекти се дел од проектите со кои аплицираа општините од североисточниот плански регион преку Центарот за развој на североисточниот плански регион, (СИПР) информираа денеска надлежните. Според новиот правилник за неразвиеност, североисточниот веќе не е најнеразвиен регион. Годинава се реализираа проекти од областа на животна средина и за развој на туризмот.

- За разлика од претходните години годинава се реализираа проекти коишто сè уште не се завршени, меѓутоа со напорите коишто ги направи Министерството за локална самоуправа се обезбедија средства, проектите продолжија и останаа уште неколку активности коишто ќе се дореализираат до март следната година, изјави Владимир Павловски од СИПР.

Општина Куманово аплицираше за набавка на полуподземни контејнери и повеќенаменско транспортно возило за ЈП „Водовод“ Куманово, а во апликацијата за туризам-општина Кратово имаше барање за развој на патот до туристичкиот локалитет во село Мождивњак, Ранковце за село Опила, Крива Паланка за регионален пат, Старо Нагоричане со барање за туристички инфо центар т.е реконструкција на два стари објекти спроти општината во Старо Нагоричане.

- Остана да се завршат проектите во Старо Нагоричане и Ранковце. СИПР аплицираше на програмата ИПА прекуграничен проект Бугарија со проект заедно со општина Куманово-урбан грин, раззеленување на општина Куманово во ставката на животна средина каде што општина Куманово ќе биде зазеленеат во пределот од поток Серава десната страна до кружниот тек и од пазарчето на „Октомвриска револуција“ до кружниот тек, целата десна страна ќе биде зазеленеат. Ќе биде среден училишниот двор хортикултурно во економското училиште, како и десната страна т.е дворот на училишниот дом „Професор Мијалковиќ“ од страна на „Бајрам Шабани“ којшто има потреба од дрвореди, изјави Павловски.

Реконструкција на противпожарна станица во Куманово, реконструкција на спортската сала на училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, но и дел од регионалните патишта во регионот се проектите за коишто граѓаните на форумските сесии се изјаснија дека сакаат да бидат реализирани во 2025 година, но дали и кога ќе започне реализацијата зависи од тоа колкави средства ќе бидат одвоени од буџетот.

- Се знае точно што ќе се аплицира бидејќи форумските процеси на граѓаните се завршени уште лани во декември. Сè уште не се знае колку средства ќе бидат обезбедени од страна на Бирото за регионален развој за проектите коишто граѓаните на општините и невладините организации на форумските процеси ги дадоа како предлог. Во тоа спаѓа реконструкција на противпожарна станица во Куманово, реконструкција на спортската сала на училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ од страна на општина Куманово, некои регионални патишта во регионот, меѓутоа сè уште не се знае со колкави средства ќе располагаме следната година за да може да гарантираме дека следната година ќе почне со реализација на тие проекти, додава Павловски.

Во завршна фаза е проектот преку грантовата шема на Владата на Швајцарија со министерството за локална самоуправа за фаер шилд тоа е проект за ТППЕ Куманово и ТППЕ Ранковце каде што се обезбедени три противпожарни возила за шумски пожари како и комплетна опрема за пожарникарите за шумски пожари. Реконструирани се гаражните врати на ТППЕ Куманово и обезбедена, изработена е и пуштена е пред една недела во употреба апликација за дојава на шумски пожари којашто ќе биде достапна за граѓаните.

Центарот е посветен на промоција на развојните потенцијали на регионот и активно соработува со општините, обезбедувајќи им стручна и техничка помош во изработка на нивните програми за развој. Центарот активно се вклучува во искористување на развојните можности кои ги нудат претпристапните Европски фондови ИПА, со организирање на информативно-едукативни работилници за сите заинтересирани страни, како и со директно аплицирање со развојни проекти. ам/дма/


Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR