• e premte, 03 janar 2025

Хамилтон од денеска и официјално е возач на Ферари

Хамилтон од денеска и официјално е возач на Ферари

Маранело, 1 јануари 2025 (МИА) - Британскиот Формула 1 возач, Луис Хамилтон од денеска и официјално стана член на тимот на Ферари, со кого пред неколку месеци потпиша договор кој почна да трае од првиот ден на 2025 година.

Славниот Британец во 2025 година ќе наполни 40 години, а од 2007 година е дел од „најбрзиот циркус“. Хамилтон ги помина сите 18 сезони возејќи ги болидите на Мерцедес, прво за Мекларен (каде освои една титула), а потоа и за АМГ Петронс, во кој помина дури 12 сезони и освои шест титули, две втори и едно трето место во Формула 1 шампионатот.

Еден од најуспешните возачи во историјата на Формула 1 изјави дека со доаѓањето во Ферари го исполнил сонот што го имал уште од малечок и целта му е да ја освои осмата шампионска титула во болидот на овој тим.

-Среќен сум откако направив се што сонував како дете со Мерцедес. Сега имам можност да остварам уште еден сон, да возам за Ферари во црвено. Мерцедес е голем дел од мојот живот уште од мојата 13-та година, па затоа оваа одлука беше една од најтешките во мојот живот, изјави Хамилтон при потпишувањето на договорот со Ферари.

Новата сезона во Формула 1 започнува на 16 март во Мелбурн, во текот на натпреварувањето ќе се одржат 24 трки, а титулата ја брани Холанѓанецот Макс Верстапен. дс

Фото: Архива

QËNDRONI TË LIDHUR