• e shtunë, 28 dhjetor 2024

ФФМ: Станиќ го наследи Канатларовски, разрешени селекторите на младинските репрезентации

ФФМ: Станиќ го наследи Канатларовски, разрешени селекторите на младинските репрезентации

 

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) – Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го назначи денеска Горан Станиќ за нов селектор на репрезентацијата до 21 година на местото на Драган Канатларовски, кој е разрешен од должноста заедно со селекторите на селекции до 15, 16, 17 и 19 години.

Станиќ, кој е актуелен тренер на прволигашот Работнички, во минатото беше селектор на репрезентациите до 17 и до 19 години, а на ЕУРО 2020 беше дел од стручниот штаб на македонската сениорска репрезентација.

Станиќ на селекторската клупа седнува на местото на Канатларовски, кој поради слаби резултати е разрешен од должноста, заедно со селекторите на репрезентацијата до 15 години - Исен Иљами, до 16 години - Драган Начевски, до 17 години - Раде Каранфиловски и на селекцијата до 19 години Вујадин Станојковиќ

Управниот одбор на ФФМ единствено го продолжи договорот со селекторот на репрезентацијата до 18 години, Ерхан Селими, кој допрва го почнува селекторскиот мандатот.

Разрешувањата доаѓаат по катастрофалниот резултатски ефект на младинските репрезентации, кои во 2024 година забележаа вкупно 16 победи, 12 нерешени и дури 35 порази.

Како што е соопштено, техничкиот директор на националните селекции Ѓорги Христов на 12 јануари ќе достави до Управниот одбор на ФФМ предлог имиња за нови селектори на младинските репрезентации. ег

ФОТО: ФК Работнички/ Фејсбук

QËNDRONI TË LIDHUR