Филипче: СДСМ привлекува млади, експерти и интелектуалци по објавата на предлог-програмата
- Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вели дека по објавувањето на предлог-програмата на партијата е забележан зголемен интерес за активно вклучување на млади луѓе, експерти и интелектуалци во креирањето на партиските политики. Според него, јакнењето на тимот со квалитетни и искусни кадри е клучно за подобрување на програмата и партиската структура на СДСМ, при што како главни мотиви за поддршка ги наведе економските предизвици, борбата против корупцијата и потребата од продолжување на евроинтегративниот пат на државата.
- Post By Ангела Рајчевска
- 20:39, 2 prill, 2026
Скопје, 2 април 2026 (МИА) – Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вели дека по објавувањето на предлог-програмата на партијата е забележан зголемен интерес за активно вклучување на млади луѓе, експерти и интелектуалци во креирањето на партиските политики. Според него, јакнењето на тимот со квалитетни и искусни кадри е клучно за подобрување на програмата и партиската структура на СДСМ, при што како главни мотиви за поддршка ги наведе економските предизвици, борбата против корупцијата и потребата од продолжување на евроинтегративниот пат на државата.
-Има огромен интерес од кога се објави предлог-програмата која е работна верзија и која што ќе ја усвоиме како дефинитивна на Конгресот кој што треба да се одржи на 7 јуни. Секојдневно во последниот период се повеќе се приклучуваат млади луѓе, искусни луѓе кои што имаат и партиско искуство, се приклучуваат и луѓе од експертските сфери, разни професори, интелектуалци, луѓе кои што имаат искуства и кои што навистина сакаат да придонесат ова да биде една добра партија - рече Филипче во вечерашното гостување во централниот дневник на МТВ 1.
Според него, интересот за поддршка и приклучување кон СДСМ и нејзините политики е зголемен поради три клучни основи, пред се поради економските предизвици со кои се соочуваат секојдневно, борбата против корупцијата и евроинтеграциите.
Филипче се осврна и на активностите на СДСМ, внатрепартиските процеси за зајакнување на тимот и програмата, при што ја нагласи важноста на Антикорупцискиот тим.
-Посебно сум горд на Антикорупцискиот тим на партијата, којшто интензивно работи изминатите месеци. Ја разобличуваме оваа криминална власт, ги објавуваме сите нивни скандалозни тендерски постапки коишто се местени и за луѓе блиски на ВМРО-ДПМНЕ. Тие суми се приближно 100 милиони евра само досега, за овој нецелосен половина мандат, коишто се отидени во џебови на функционери или нивни блиски на ВМРО-ДПМНЕ - рече претседателот на СДСМ.
Филипче оцени дека Македонија е единствена земја во регионот чија што Влада нема донесено директни и ефикасни мерки за заштита на граѓаните од ценовната и енергетската криза, и покрај значителниот раст на цените на горивата, основните прехранбени производи и енергенсите. Според него, мерките на актуелната власт се недоволни и без реален ефект, за разлика од другите земји во регионот кои вовеле конкретна поддршка за ранливите категории, потсетувајќи дека во време на претходните кризи СДСМ спроведувала директна финансиска помош.
-До пред почетокот на кризата една минимална, две минимални плати не беа доволни за потрошувачка кошничка, сега три минимлани плати не се доволни. Луѓето имаат реален проблем, Владата ништо не прави. Кога ќе преземе акција Владата? Што треба да се случи? Повеќе од 40% има зголемување на цените на горивата, 10% поскапување на основните прехранбени продукти како леб, зејтин, овошјето и зеленчукот се поскапени дури и до 200%, зголемување на цената има на брашното и шеќерот, сè е поскапено во маркетите. Што треба повеќе да се случи? - потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ во вечерашното интервју предупреди дека втора година по ред државната енергетска компанија ЕСМ бележи огромни финансиски загуби, за што, според него, директно е одговорен премиерот Христијан Мицкоски. Ваквото управување со енергетскиот сектор, како што наведе, создава сериозна финансиска и системска нестабилност, која ја прави државата ранлива и зависна од увоз наместо од сопствено производство.
Тој предупреди дека недостигот на јасна стратегија, недоволната контрола и, како што рече, „клиентелистичките врски во енергетските компании“, дополнително го оптоваруваат ЕСМ и јавниот буџет и нагласи дека е неопходно итно реструктурирање, професионално управување и стопирање на приватните интереси во секторот, доколку државата сака да избегне уште подлабока енергетска и финансиска криза во следните години. ар/дма/
Фото:СДСМ