• e enjte, 19 mars 2026

Ученичките од „Ѓорѓи Димитров“ наградени за документарецот за македонскиот рубин на средба со министерката Божиновска

Ученичките од „Ѓорѓи Димитров“ наградени за документарецот за македонскиот рубин на средба со министерката Божиновска

Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари средба со ученичките од трета година од гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ во Скопје, кои со својот труд и креативност постигнаа значаен успех на национално ниво.

Станува збор за Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои во рамките на предметот Говорење и пишување изработиле документарен филм посветен на македонскиот рубин - тема што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја, информираа утрово од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Нивниот филм беше претставен на државниот фестивал за непрофесионален филм, во организација на Народната техника, каде што во конкуренција на 40-ина филма освоија сребрена награда.

Министерката Божиновска ја поздрави нивната иницијатива истакнувајќи дека ваквите примери го покажуваат потенцијалот на младите да ги истражуваат и афирмираат вредностите на сопствената земја. Таа нагласи дека македонскиот рубин претставува дел од националниот идентитет и значајно природно богатство.

- Особено ме радува што младите избираат да зборуваат за теми што се директно поврзани со нашите природни ресурси и богатства. Македонскиот рубин не е само минерал - тој е дел од нашиот идентитет и вистинско богатство. Ваквите иницијативи треба да се поттикнуваат и поддржуваат бидејќи знаењето и свесноста почнуваат токму од младите генерации - истакна Божиновска.

На средбата била нагласена потребата од поголема едукација и вклученост на младите во теми поврзани со енергетиката, рударството и одржливото користење на природните ресурси, како и важноста од нивно активно учество во градењето идни политики.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потенцира дека останува отворено за поддршка на вакви иницијативи, кои не само што ја промовираат креативноста туку и ја јакнат свеста за вредностите што ги поседува нашата земја. бд/дма/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

QËNDRONI TË LIDHUR