Успешна крводарителска акција во Делчево со собрани 77 крвни единици
- Вкупно 77 крвни единици се собрани на денешната крводарителска акција што се одржа во Делчево, во организација на Црвен крст Делчево, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина. Акцијата помина во одлична организација и со значителен одѕив на граѓаните, особено кај редовните крводарители.
Делчево, 2 април 2026 (МИА) – Вкупно 77 крвни единици се собрани на денешната крводарителска акција што се одржа во Делчево, во организација на Црвен крст Делчево, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина. Акцијата помина во одлична организација и со значителен одѕив на граѓаните, особено кај редовните крводарители.
Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека континуитетот во организирањето вакви акции е од особено значење за одржување стабилни резерви на крв на национално ниво. Оттаму упатија апел до младата популација поактивно да се вклучува во крводарителските иницијативи, нагласувајќи дека токму младите се клучни за одржување на долгорочна одржливост на системот.
Секретарот на Црвен крст Делчево, Ивана Ангеловски, изрази задоволство од одѕивот и упати благодарност до сите учесници во акцијата.
-Голема благодарност до сите крводарители за нивната хуманост. Да продолжиме и во иднина со вакви акции и да помагаме онаму каде што е најпотребно“, истакна Ангеловски.
Според организаторите, крводарувањето претставува еден од највисоките хумани чинoви, со кој директно се спасуваат човечки животи. Тие потенцираат дека ваквите акции не само што придонесуваат за обезбедување на неопходни количини крв, туку и ја подигаат јавната свест за важноста од солидарност и општествена одговорност.
Во наредниот период се очекува организирање нови крводарителски акции, со цел да се задржи позитивниот тренд и да се обезбедат доволни количини крв за потребите на здравствениот систем. вс/вг/
Фото: МИА