Тошковски: „Нула корупција во полицијата“ - промовиран планот за професионален интегритет 2026 - 2028
- Планот за професионален интегритет 2026 - 2028 е значаен инструмент во нашите напори за искоренување на корупцијата. Нашата цел е јасна - нула корупција во полицијата, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на планот за професионален интегритет 2026 - 2028 на Министерството за внатрешни работи, изработен во рамките на програмата на ДЦАФ за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор 2021 - 2026.
- Post By Борис Куноски
- 14:02, 25 mars, 2026
Скопје, 25 март 2026 (МИА) - Планот за професионален интегритет 2026 - 2028 е значаен инструмент во нашите напори за искоренување на корупцијата. Нашата цел е јасна - нула корупција во полицијата - порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на планот за професионален интегритет 2026 - 2028 на Министерството за внатрешни работи, изработен во рамките на програмата на ДЦАФ за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор 2021 - 2026.
Планот ги утврдува стратешките приоритети, институционалните обврски и конкретните мерки за унапредување на интегритетот, транспарентноста и одговорноста во полициското работење.
Во своето обраќање министерот Тошковски ја нагласи клучната улога на интегритетот како темел на професионалната и современа полициска служба.
- Интегритетот е основа врз која се гради довербата на граѓаните. Чесноста, праведноста, одговорноста и транспарентноста не се само зборови, тие се вредности што мора доследно да ги практикуваме доколку сакаме вистински да го зајакнеме владеењето на правото - истакна Тошковски.
Тој посочи дека новиот документ, заедно со акцискиот план, е клучен инструмент во борбата против корупцијата во полициските редови.
- Само со доследна примена на законите, со силни механизми за надзор, транспарентност и лична одговорност, можеме да изградиме институција во која граѓаните ќе имаат целосна доверба - нагласи министерот.
Тошковски додаде дека МВР, во координација со Владата, континуирано ги зајакнува мерките за превенција, детекција и санкционирање на корупцијата, како и професионалните компетенции на полициските службеници преку обуки, развој на етичките стандарди и модернизација на внатрешните процедури.
Министерот изрази благодарност до Европската Унија, како и до Швајцарија, Шведска и Холандија, како и до ДЦАФ и проектниот тим за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на реформите во безбедносниот сектор. бк/вј/
Фото: МВР