• e mërkurë, 04 shkurt 2026

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во работна посета на Вашингтон

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во работна посета на Вашингтон

Вашингтон, 4 феврауари 2026 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, престојува во работна посета на Вашингтон, САД, каде што оствари низа средби со високи претставници на американските институции и на меѓународни организации во рамките на зајакнувањето на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.

Гаши, како што соопшти собраниската прес-служба, остварил средба со членката на Конгресот на Соединетите Американски Држави, Клаудија Тени, копретседателка на парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот. За време на средбат, соговорниците разговарале за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави засновано на заеднички демократски вредности, како и за значењето на улогата на американскиот Конгрес во развојот и стабилноста на регионот.

Гаши ја истакнал посветеноста на Северна Македонија како членка на НАТО, при што ја нагласил и важноста на американското лидерство во зачувувањето на евро-атлантската безбедност, особено на Западен Балкан.

Во продолжение на посетата претседателот на Собранието остварил средби и со директори на меѓународни организации, кои со години ги поддржуваат демократските процеси и институционалниот развој на Собранието на Република Северна Македонија, односно со претставници на IRI и NDI.

На средбата со Даниел Твајнинг, претседател на Меѓународниот републикански институт (IRI), и Стивен Никс, директор за Европа и Евроазија, се разговарало за досегашната соработка и за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.

На средбата со Тамара Витес, претседателка на Националниот демократски институт (NDI), и Скот Бејтс, регионален директор за Европа и Азија, се разговарало за вредноста на долгорочната соработка меѓу Собранието и NDI. Гаши изразил благодарност за проектите насочени кон зајакнување на независноста и парламентарниот капацитет, дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните, вклучително и програмата за парламентарна поддршка, која со години дава видливи резултати.

Гаши на сите средби високо ја оценил континуираната поддршка од американските партнери за унапредување на демократските стандарди потврдувајќи ја повторно подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување и продлабочување на соработката во функција на зајакнување на демократијата, стабилноста и подоброто претставување на граѓаните.

Во овој дел од агендата Гаши бил придружуван од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, како и од владината делегација на Република Северна Македонија, во чиј состав се министрите Стефан Андоновски и Златко Перински, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.

Како што соопшти собраниската прес-служба, за време на посетата Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), а покрај многуте средби со значајни институционални претставници, се очекува да се обрати на Форумот за безбедност во американскиот Конгрес, како и да учествува на панел-дискусијата на конференцијата Balkans Forward Summit, организирана од Атлантскиот совет. дма/вј/

Фото: Собрание

QËNDRONI TË LIDHUR