Пињо: Не сакаме ситуација околу Гренланд да ја споредуваме со Украина
- Европската Унија не би сакала да ја споредува актуелната ситуација со изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп околу Гренланд со случувањата во Украина пред руската инвазија во 2022 година, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо во однос на изјавата на Трамп дека нема да ја исклучи употребата на воена сила за преземање на контролата врз Панамскиот Канал и врз данската територија Гренланд.
- Post By Сашко Панајотов
- 14:28, 8 janar, 2025
Брисел, 8 јануари 2024 (МИА) – Европската унија не би сакала да ја споредува актуелната ситуација со изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп околу Гренланд со случувањата во Украина пред руската инвазија во 2022 година, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо во однос на изјавата на Трамп дека нема да ја исклучи употребата на воена сила за преземање на контролата врз Панамскиот Канал и врз данската територија Гренланд.
На прашање дали односот на ЕУ кон „воените закани“ упатени од Трамп кон една нејзина земја членка не потсетува на случајот од пред 2022 година кога Унијата и дипломати во некои нејзини членки велеа дека заканите за руска инвазија врз Украина се „хипотетичко сценарио“, Пињо одговори дека станува збор за „теоретско прашање“.
- Навистина зборуваме за нешто крајно теоретско кое не сакаме да го елаборираме, ниту пак да ја споредуваме оваа ситуација со она што се случи во Украина, рече Пињо.
Запрашана дали ова прашање повеќе нема да биде хипотетичко ако „американските маринци се истоварат на Гренланд“, Пињо одговори дека имало многу закани кои не биле реализирани и во моментов не гледа потреба да елаборира уште нешто на оваа тема.
Портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер, пак, изјави дека ЕУ е јасна во ставот дека мора да се почитува принципот за суверенитет на државите, како дипломатска вредност на ЕУ и како едно од клучните начела на кои таа функционира и тој принцип важи за сите земји, вклучитечно и за Данска.
- Од наша страна, со нетрпение очекуваме да работиме на силна трансатлантска агенда со следната американска администрација кон заеднички цели и прашања од клучен стратешки интерес, истакна Хипер.
На прашање како може да се говори за соработка со некој кој се заканува по територијалниот интегритет на членка на ЕУ, Хипер одговори дека може само да повтори дека основна цел на ЕК ќе биде силната соработка за прашања од заеднички интерес и изградбата на силни партнерства.
- Ние не ги преоценувме нашите принципи или основните принципи кога станува збор за дипломатијата, но исто така и за суверенитетот на државите и нашиот интерес, и така и ќе продолжиме. Нема да се впуштаме во коментар на коментар на оваа тема, рече Хипер. сп/
Фото: Скриншот