• e martë, 24 shkurt 2026

Општина Крива Паланка ги финализира подготовките за "Невестинско поклонение 2026"

Општина Крива Паланка ги финализира подготовките за

Крива Паланка, 24 февруари 2026 (МИА) - Општина Крива Паланка ги финализира подготовките за одржување на традиционалната културна манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон 2026“, еден од најрепрезентативните и најавтентични симболи на нематеријалното културно наследство на кривопаланечкиот крај.

-Годинашното, 16-то по ред издание, ќе се одржи во недела, на 1 март 2026 година, во црквата „Св.Теодор Тирон“ во село Конопница, место каде вековната традиција, духовноста и народниот обичај се спојуваат во уникатен постсвадбен ритуал, препознатлив во поширокиот регион. Право на учество имаат сите снаи кои склучиле брак во периодот помеѓу двете Тодорови саботи, придружувани од своите свекрви, облечени во традиционални народни носии, впечатлива и симболична глетка што ја отсликува суштината на семејните вредности, почитта и заедништвото во македонската традиција, информираат од општината.

Манифестацијата се реализира под покровителство на Општина Крива Паланка, во организација на РЗР „Патник“, со поддршка од месната заедница на село Конопница, НУ Центар за култура и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, со заедничка мисија: зачувување, негување и промоција на нематеријалното културно наследство на регионот.

-Досега своето учество го потврдија три пара снаа и свекрва од Крива Паланка, два од Велес, по еден пар учеснички од Кочани и Скопје, а се очекува своето учество да го потврдат претставничките од Пијанец, како и од Јабланичкиот регион од Србија, што свеченото дефиле ќе го претвори во вистинска атракција за сите почитувачи на нематеријалното културно наследство и автентичните народни традиции и обичаи. Ги покануваме сите добронамерници да ја посетат манифестацијата, а снаите и свекрвите да учествуваат на манифестацијата која е дел од Годишната програма за култура на Општина Крива Паланка - информира Стојанче Величковски, претседател на РЗР "ПАТНИК", кој воедно беше и иницијатор оваа вековна традиција да се возобнови и успешно да се реализира повеќе од деценија и пол.

Вистински куриозитет се трите последователни учества на снаите и свекрвите од познатата "Галичка свадба".

-Годинава, покрај традиционалниот обреден дел, програмата ќе биде збогатена и со културно-уметничка содржина, во која ќе настапи познатата македонската фолк пејачка и водителка, Андријана Алачки, со популаниот бенд „Синтезис“ предводен од виртуозот на кавал, зурла и гајда, Гоце Димовски, чија музика инспирирана од македонскиот фолклор ќе придонесе за дополнителна атмосфера и доживување на настанот, информираат од општината.

Од локалната самоуправа очекуваат и оваа година манифестацијата да привлече бројни посетители, љубители на традицијата и добронамерници, кои со особено внимание го следат развојот на овој редок и жив културен обичај што успешно се пренесува од генерација на генерација.

Манифестацијата ќе се одржи в недела, 1 март 2026, во дворот на црквата „Св. Теодор Тирон“, село Конопница, Крива Паланка, со почеток во 13 часот. иб/вг/

Фото: плакат

 

QËNDRONI TË LIDHUR