НП Шар Планина стана членка на на Мрежата Паркови на Динаридите
- Националниот парк Шар Планина стана полноправна членка на Мрежата Паркови на Динаридите составена од 105 заштитени планински подрачја од осум држави.
Тетово, 6 декември 2025 (МИА) - Националниот парк Шар Планина стана полноправна членка на Мрежата Паркови на Динаридите составена од 105 заштитени планински подрачја од осум држави.
Претставници на Паркот за таа цел учествуваа на VII Меѓународна конференција на Парковите на Динаридите – „Глобални и европски перспективи на заштитените подрачја во регионот на Динаридите“, која изминатите три дена се одржа во Подгорица.
-Посебно го истакнувам тоа што со колегите од соседните држави разменивме искуства, што говоревме за добрите и лошите моменти во управувањето со заштитените подрачја, информираше Милорад Андријески од НП Шар Планина.
Во Мрежата Паркови на Динаридите на конференцијата е зачленет и Паркот на природа Драгишница и Комарница од Црна Гора.

Според информациите од НП Шар Планина на овогодинешната Меѓународна конференција на Парковите на Динаридите собрала повеќе од 110 учесници од осум земји на Динарскиот лак и од Италија, Белгија, Франција, Шпанија и Чешка.
-Учесниците, управувачите на заштитените подрачја на Конференцијата во насока на заштита на просторот кој го опфаќа Динарскиот лак, истакнале дека треба посилно и попосветено да пристапат кон обнова на природата, оспоставувањето и унапредувањето на управување со Натура 2000 мрежата, континуирано да ја спроведуваат и да ја оценуваат ефикасноста на управувањето со заштитените подрачја, како и да соработуват меѓу себе и да ги споделуваат искуствата, информираат од Мрежата на Паркови на Динаридите.
Во текот на двата дена одржани се четири панел сесии, две работилници, како и седница на Управниот одбор и Собранието на Парковите на Динаридите. ас/фф/
Фото: НП Шар Планина