Тркалезна маса „Промовирање на инклузивно покривање на жените за време на избори на онлајн медиумите” во Штип
- Тркалезна маса на тема „Промовирање на инклузивно покривање на жените за време на избори на онлајн медиумите,” денеска ќе се одржи во Штип, во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
Штип, 27 ноември 2024 (МИА) - Тркалезна маса на тема „Промовирање на инклузивно покривање на жените за време на избори на онлајн медиумите,” денеска ќе се одржи во Штип, во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
Целта е да поттикне конструктивен дијалог за зголемена застапеност на жените во онлајн медиумите/интернет порталите за време на изборната кампања.
Тркалезната маса, како што соопштија од ИФЕС, ќе овозможи корисна платформа за учесниците да ги разгледаат различните аспекти во прикажувањето на жените во онлајн медиумските кампањи и во платеното политичко рекламирање.
Најавено е тим експерти да ги презентираат клучните наоди од последните парламентарни избори и ќе се споделат предлози за политики за да се поттикнат позитивни промени.
На настанот ќе учествуваат претставници од институциите, граѓанските организации и други релевантни засегнати страни за да се дискутира за стратегиите за подобрено медиумско покривање за време на изборниот период. Учесниците ќе имаат можност да дадат препораки за подобрување на законската и институционалната рамка во насока на подобрена поддршка за родовата еднаквост и инклузивноста во изборното покривање на онлајн медиумите/интернет порталите.
Конференцијата се организира во рамки на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија," поддржан од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO) на Владата на Обединетото Кралство. цр/лв/
Фото: принтскрин