Министерот Минчев претседаваше со 16-тиот Министерски состанок на Управниот одбор на ReSPA
- Министерот за јавна администрација Горан Минчев, денеска претседавал со 16-тиот Министерски состанок на Управниот одбор на Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), што се одржа во Скопје.
Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, денеска претседавал со 16-тиот Министерски состанок на Управниот одбор на Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), што се одржа во Скопје.
На состанокот присуствувале министри и високи претставници од земјите-членки на ReSPA, вклучувајќи ја министерката за јавна администрација на Албанија, Адеа Пирдени, министерот за јавна администрација на Босна и Херцеговина, Давор Буноза, министерот за јавна администрација на Србија, Јелена Жарич Ковачевиќ, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, како и претставници од Европската комисија и други клучни меѓународни партнери.
Како што соопштија од Министерството за јавна администрација, седницата ја потврдила значајната улога на ReSPA во развојот на јавната администрација во Западен Балкан. Членовите на Управниот одбор, ја поздравиле успешно реализираната програма за 2023-2024 година, која вклучува голем број активности за зголемување на капацитетите на над 1.200 јавни службеници, развој на регионални политики, како и имплементација на иновации во дигиталната администрација. ReSPA продолжува да биде важен двигател на реформите и иновациите во јавната служба, со големи достигнувања во програмите за мобилност на јавни службеници и зајакнување на административните капацитети.
- Оваа Министерска седница на Управниот одбор на ReSPA е уште еден чекор напред во нашата заедничка заложба за модерни, професионални и транспарентни јавни администрации, кои ќе бидат во служба на граѓаните и ќе придонесат кон интеграцијата на регионот во европското семејство. Верувам дека овие два дена ќе резултираат со конкретни препораки и заеднички иницијативи кои ќе придонесат за подобро управување, зголемена транспарентност и поголема доверба на граѓаните во јавните институции. Владата на Република Македонија останува посветена на регионалната соработка и реформските процеси како основа за подобра иднина за сите нас, истакнал министерот Минчев.
На седницата бил усвоен Годишниот извештај на ReSPA, буџетот за 2025-2026 година и донесени насоки за идните активности. Дополнително бил донесен и стратешкиот план на ReSPA за периодот 2025-2030, кој ќе ја насочи организацијата кон понатамошно зајакнување на јавната администрација во регионот.
Директорката на ReSPA, Ханџиска-Трендафилова посочила дека постигнатите резултати ја одразуваат непоколебливата посветеност на целиот тим на ReSPA во напредувањето на извонредноста во управувањето со посветеност и визија.
- Се уште сме определени да ја постигнеме оваа цел преку регионален политички дијалог, учење, зголемување на капацитетите и мрежно поврзување, додека им обезбедуваме на јавните службеници суштински можности за раст и обликување на нова ера на размена на јавни службеници. Нашите значајни постигнувања беа овозможени од силната поддршка на нашите членки на ReSPA и од зајакнувањето на нашите партнерства со клучни институции на Европската комисија, јавни институции во земјите-членки на ЕУ, познати институти, академија и граѓанско општество. За нас во ReSPA, особено охрабрувачки знак е признанието за нашиот придонес во зголемувањето на административните капацитети и поттикнување на реформите во управувањето од страна на лидерите на ЕУ и Западен Балкан на Самитот на лидери на ЕУ-Западен Балкан, посочила таа.
Министерот Минчев го предал претседателството на ReSPA на Црна Гора, со што министерот Дукај ја презел улогата на претседател на Управниот одбор, продолжувајќи ја успешната соработка на ReSPA за иновации во јавната администрација. цр/лв/
Фото: Министерството за јавна администрација