• e mërkurë, 04 shkurt 2026

Мерцедес ја претстави освежената S класа

Мерцедес ја претстави освежената S класа

Мерцедес ја претстави освежената Ѕ класа за 2027 година, носејќи суптилен фејслифт и технолошки подобрувања на својата луксузна лимузина. Новиот модел го задржува препознатливиот изглед, но со мали промени што ја прават уште помодерна.

На прв поглед, новата Ѕ класа е веднаш препознатлива. Формата и пропорциите остануваат верни на традицијата, но деталите се поостри и помодерни. Предната маска е малку поголема и браниците се поостри и поизразени. Ако се погледне подобро, секој ред во предната маска е исполнет со трикраки ѕвезди. Назад, задните светла се инспирирани од новата Е класа, со ѕвездести светлосни елементи. Исто така и во фаровите се ставени по две трикраки ѕвезди како дневни светла. 

Фото: принтскрин од Youtube

Во внатрешноста, огромниот Хајперскрин од претходните модели е заменет со новиот систем, наречен Superscreen, како во Е класата, кој се состои од три екрани: 12,3-инчна дигитална инструмент табла, 14,3-инчен централен екран и 12,3-инчен екран за совозачот. Сè работи на најновата верзија на MBUX, со вештачка интелигенција и вграден Гугл Мапс.

Фото: принтскрин од Youtube

За патниците на задните седишта, вградени се два 13,1-инчни екрани наслонети на предните седишта, како и далечински управувачи. За првпат, апликации како Дизни+ и Јутуб се достапни директно преку системот.

Достапни ќе бидат следните модели:
Мерцедес S580 4Matic – 4.0 V8 мајлд-хибрид, 537 коњски сили (КС)
Мерцедес S450 4Matic – 3.0 реден шестцилиндричен мотор, мајлд-хибрид, 381 КС
Мерцедес S500 4Matic – 3.0 реден шестцилиндричен мотор, мајлд-хибрид, 449 КС
Мерцедес S350d 4Matic – 3.0 реден шестцилиндричен мотор, дизел, мајлд-хибрид, 313 КС
Мерцедес S450d 4Matic – 3.0 реден шестцилиндричен мотор, дизел, мајлд-хибрид, 367 КС
Мерцедес S 450e – 3.0 реден шестцилиндричен мотор плаг-ин хибрид, 435 КС
Мерцедес S 580e 4Matic – 3.0 реден шестцилиндричен мотор плаг-ин хибрид, 585 КС

Сите верзии користат деветстепен автоматски менувач и погон на сите тркала. Ерматик воздушната суспензија е стандардна, додека напредниот Е-Актив Боди Контрол останува опционален.

Цените започнуваат од 121.356 евра за стандардниот Мерцедес S350d 4Matic.

 

Фото: принтскрин од Youtube

QËNDRONI TË LIDHUR