• e enjte, 09 janar 2025

Иран ја заострува безбедноста околу нуклеарната електрана Бушер

Иран ја заострува безбедноста околу нуклеарната електрана Бушер

Техеран, 8 јануари 2025 (МИА) - Странските државјани и мигрантите повеќе нема да смеат да живеат или работат на растојание помало од 5 километри од нуклеарната електрана Бушер во Иран, соопшти денеска државната новинска агенција ИРНА, пренесува ДПА.

Објектот, кој се наоѓа на југот на Иран, е единствената нуклеарна електрана во земјата. ИРНА во медиумскиот извештај за новото безбедносно ограничување го цитира гувернерот на провинцијата Бушер, но не нуди многу други детали.

Поради зголемените воени тензии со долгогодишниот противник Израел, во Иран расте загриженоста од можноста за војна.

Израелската влада често се заканува дека ќе ги бомбардира иранските нуклеарни постројки, стравувајќи дека Исламската Република би можела да произведе атомско оружје. Во минатото, иранскиот сектор за нуклеарни истражувања честопати бил цел на шпионажа и саботажи.

Се очекува новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој на 20 јануари повторно ќе ја преземе функцијата, да му даде поголема слобода на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за засилување на нападите врз Иран.

Во меѓувреме, иранската влада предводена од претседателот Масуд Пезешкијан, умерен конзервативец, се надева на нов нуклеарен договор со Западот. Преговорите за оваа тема се замрзнати со години.

Во 2018 година, за време на првиот мандат на Трамп, САД еднострано се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор. Овој договор од 2015 година беше дизајниран да спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје со ограничување на неговата нуклеарна програма, а за возврат Западот ги укина санкциите.

Откако САД се повлекоа и повторно воведоа санкции, Техеран престана да ги почитува условите на договорот. ссм/

фото: архива

QËNDRONI TË LIDHUR