Информативен настан со граѓаните на Охрид за решавање на проблемот со третманот и депонирањето на комуналниот отпад
- Реализација на планот за управување со комуналниот отпад, отпочнување на процесите за изградба на регионалната депонија во Новаци и санација и затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“, тоа се барањата на еколозите и активистите за заштита на животната средина, обединети во граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ што денеска беа презентирани пред граѓаните на денешниот настан одржан на Градскиот плоштад во Охрид.
Охрид, 9 ноември 2024 (МИА) - Реализација на планот за управување со комуналниот отпад, отпочнување на процесите за изградба на регионалната депонија во Новаци и санација и затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“, тоа се барањата на еколозите и активистите за заштита на животната средина, обединети во граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ што денеска беа презентирани пред граѓаните на денешниот настан одржан на Градскиот плоштад во Охрид.
Целта на денешниот настан е да да се испрати апел за ургентно решавање на проблемот со депонирањето и третманот на комуналниот отпад од Охрид, посочија активистите од Иницијативата.
- Пробиени се сите рокови, градот Охрид се труе од депониите. Планот за затворање на депонијата „Буково“ беше затворање на депонијата до 2020/21 година, а проблемот не е решен, се тапка во место, проблемот е заглавен во процедури. Сведоци сме дека отровните чадови секојдневно стигнуваат во градот, мерните станици секојдневно регистрираат загадувања, а здравјето на граѓаните не може да чека, истакна Ѓоко Зороски, еколог од Охрид и еден од активистите на Иницијативата „Збогум Буково“.
Денешниот настан е од информативен карактер, а следен чекор е вршење засилен притисок врз институциите и надлежните органи за решавање на проблемот, за кој беше нагласено дека е надпартиски и наднационален, туку своевидна цивилизациска категорија.
- Тука сме да ја побараме поддршката од граѓаните на Охрид и пошироко бидејќи проблемот со „Буково“, со зелната агенда што е сосема изместена во нашата држава не тангира сите нас. Ние имаме законско право да бидеме информирани што во моментов се работи за подобрувањена состојбата, решавање на проблемот со „Буково“, истакна Лилјана Илиевска, активист на Иницијативата.
Нивните очекувања се, како што рече, поддршка од граѓаните на Охрид.
- Имаше рокови, проблемот требаше да биде решен вчера, но, сите рокови се пробиени. Проблемот со „Буково“ и со загадениот воздух во земјата не е од вчера, огромна е одговорноста на власта, на сите нивоа, а проблемот досега не е вооопшто ставен на приоритетната листа на нивната агенда, рече таа.
Иницијативата „Збогум Буково“ досега е поддржана од над 50 организации, месни заедници и голем број граѓани.
Како решение со третманот и одлагањето на комуналниот отпад во Охрид, но и регионално на маса е планот за регионална депонија, чија изградба се најавува години наназад, а истовремено е една од главните препораки во извештајот на УНЕСКО. Првично таа беше планирано да биде изградена во атарот на дебрчкото село Годивје, што како опција беше отфрлено поради категоричното спротивставување на локалното население. Со последните планови, таа требаше да се гради кај битолското село Новаци, но и таму постапката за изградба е запрена, поради барањата на локалната власт пред да биде изградена депонијата да се изгради обиколница околу населеното место до самата депонија.
Се уште нема ниту проект за изградба на обиколницата околу Новаци, а пробиени се сите рокови за изградбата на регионалната депонија најавувани за крајот на 2024 година. аб/сст/
фото/МИА