• e hënë, 07 tetor 2024

Израел ги напаѓа јужните предградија на Бејрут; сведоци тврдат дека тоа се најинтензивните бомбардирања од почетокот на нападите

Израел ги напаѓа јужните предградија на Бејрут; сведоци тврдат дека тоа се најинтензивните бомбардирања од почетокот на нападите

Бејрут, 6 октомври 2024 (МИА) - Израелски воздушни напади ги погодија јужните предградија на Бејрут, при што е извршено најинтензивното бомбардирање на либанската престолнина откако Израел ја засили својата воена кампања против поддржаното од Иран - либанско шиитско движење Хезболах.

Во текот на ноќта силни експлозии одекнуваа низ различни делови на Бејрут, а небото беше осветлено со црвени и бели светла, како молњи, кои се гледаа од неколку километри.

„Ова е најголемиот напад од почетокот на израелската офанзива врз Бејрут,“ изјавија очевидци и воени аналитичари на локалните телевизиски канали. Денеска, градот е обвиткан со сива магла, а улиците на јужните предградија се полни со урнатини, додека чад се издига над областа.

„Изминатата ноќ беше најнасилна досега. Зградите околу нас се тресеа и прво помисливме дека се работи за земјотрес. Имаше десетици удари – не можевме да ги изброиме сите, а звуците беа оглушувачки,“ изјави Ханан Абдула, жителка на Бурџ ал Бараџне, во јужните предградија на Бејрут.

Израелската армија соопшти дека нејзините воздушни сили извршиле „серија прецизни удари врз складишта за оружје и терористичка инфраструктура на Хезболах во реонот на Бејрут.“

Либанските власти сè уште не соопштија кои објекти биле погодени и какви штети предизвикале ракетите. ссм/

фото: ЕПА

QËNDRONI TË LIDHUR