Европскиот суд за човекови права ја осуди Бугарија за непочитување на презумпцијата на невиност
- Европскиот суд за човекови права оцени дека Бугарија ја прекршила презумпцијата на невиност и правото на правично судење на европратеничката Елена Јончева и мора да и плати отштета од 8.000 евра.
- Post By Сашко Панајотов
- 10:40, 8 janar, 2025
Брисел, 8 јануари 2025 (МИА) - Европскиот суд за човекови права оцени дека Бугарија ја прекршила презумпцијата на невиност и правото на правично судење на европратеничката Елена Јончева и мора да и плати отштета од 8.000 евра.
Станува збор за случај од 2019 година, кога бугарското Јавно обвинителство започнало кривична постапка против Јончева под сомнеж за перење пари преку „Корпоративната комерцијална банка“, која банкротира пред една деценија.
Според Судот во Стразбур, Обвинителството обелоденило детали за случајот со кои сугерирало дека Јовчева била вклучена во голема операција за перење пари, наместо тоа да го направи на „дискретен и воздржан начин“, почитувајќи го принципот на презумпција на невиност.
По покренувањето на постапката против Јончева, бугарското Јавно обвинителство побара од Европскиот парламент да и го укине пратеничкиот имунитет што таа го ужива како европратеничка. Но, Европарламентот го одби ваквото барање, со оценка дека со постапката против Јончева бугарското Обвинителство се обидува „да им наштети на нејзините политички активности, а не да постигне правдата“. Со ова Обвинителството не можеше да ја продолжи постапката против европратеничката.
Јончева, која првпат беше избрана за европратеничка во 2019 година, тогаш обвини дека постапката против неа претставува „политички напад“ од страна на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) Бојко Борисов, кој во тоа време беше бугарски премиер.
На покренувањето на постапката против Јончева претходеа обвинувања од нејзина страна на сметка на Владата за „неквалитетна изградба“ на автопатишта во земјата и на граничната ограда кон Турција, како и за „неправилност при реновирањето на објекти со народни пари“.
Неколку месеци подоцна врз основа на пријава на тројца пратеници на ГЕРБ, Обвинителство покрена постапка против Јончева под сомнеж дека учествувала во перење на 333.000 евра преку „Корпоративната комерцијална банка“.
Јончева, која е поранешна новинарка, тврди дека во 2012 година банката „ја спонзорирала“ за снимање на документарни филмови, потенцирајќи дека никој во Бугарија во тоа време не се сомневал оти во банката се вршел криминал.
Инаку, сопственикот на „Корпоративната комерцијална банка“, Цветан Василев во време на покренувањето на постапката против Јончева ја имаше титулата „банкар на годината“ во Бугарија, иако во 2014 година беше обвинет за раководење со криминална група која од банката одзела над една милијарда евра. сп/
Фото: МИА Архива