• e mërkurë, 25 shkurt 2026

Директорот на КИЦ Софија му врачи плакета на градоначалникот на Новаци за поддршката на македонската култура во странство

Директорот на КИЦ Софија му врачи плакета на градоначалникот на Новаци за поддршката на македонската култура во странство

Софија, 24 февруари 2026 (МИА) - Директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, Зоран Пејковски, оствари средба со градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски, на која се разговарало за улогата на културата како темел на националниот идентитет.

- На средбата се отворија прашања што навлегуваат во суштината на културната мисија на институциите. Разговорот беше насочен кон иднината, односно кон тоа како локалната самоуправа, кога е раководена од висока свест за сопствената културна улога, може да стане активен фактор во меѓународната афирмација на државата зашто во времиња кога идентитетот се гради и брани преку вредности, а не преку реторика, културата останува најдостоинствениот и најблагороден амбасадор на една нација - стои во соопштението на Пејковски до медиумите.

Пејковски му врачил плакета на градоначалникот Стевановски, што претставува признание за неговата посветеност и континуираната поддршка на македонската култура во странство. 

- Плакетата го означува неговиот придонес во афирмацијата на македонските културни вредности, во градењето духовни и интелектуални мостови меѓу народите и во унапредувањето на културната дипломатија како инструмент на дијалог, пријателство и заемна почит. Овој гест добива уште поголема тежина ако се има предвид дека средбата се одржа во годината кога се одбележуваат 20 години од основањето на македонскиот КИЦ во Софија - јубилеј што претставува симбол на институционална зрелост, континуитет и посветена работа - стои во соопштението.

На средбата исто така се разговарало за конкретни иницијативи, за потенцијалите на Општина Новаци како простор со богато културно и историско наследство, како и за можностите за нивна презентација на меѓународната сцена преку платформите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

- Заедничката определба е јасна: културата не смее да биде маргинална активност, туку државотворна мисија. Таа е простор каде што се создаваат вредности, каде што се обликува колективната меморија и каде што се изразува современата креативна енергија. Македонската традиција и современото творештво имаат свое достоинствено место на меѓународната сцена - не како формалност туку како суштински придонес кон европскиот и светскиот културен мозаик - стои во соопштението.

Пејковски во соопштението додава дека во текот на изминатите две децении македонскиот КИЦ во Софија се изгради во респектабилен културен простор, препознатлив по својата програмска содржина и по својата доследност во мисијата. Преку многубројни изложби, концерти, книжевни вечери, научни трибини и мултимедијални проекти тој стана автентичен прозорец кон македонската духовност и креативност. нд/лв/

Фото: Зоран Пејковски

QËNDRONI TË LIDHUR