Делчево одбележа 154 години од раѓањето на Гоце Делчев
- Делчево денеска со пригодни свечености одбележа 154 години од раѓањето на патронот на градот, Гоце Делчев – апостол на револуционерната борба, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Делчево, 4 февруари 2026 (МИА) - Делчево денеска со пригодни свечености одбележа 154 години од раѓањето на патронот на градот, Гоце Делчев – апостол на револуционерната борба, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
По тој повод, реферат за животот и делото на Гоце Делчев подготвија членови на КУД „Гоце Делчев“, а пред споменикот на Делчев во центарот на градот цвеќе положија делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, делегација од Советот на Општина Делчево, како и претставници на институции, политички партии и здруженија на граѓани.
Градоначалникот Гоцевски, обраќајќи се по повод годишнината, истакна дека Делчево има обврска да биде промотор на ликот и делото на Гоце Делчев.
-Неговиот живот беше завет, а неговото дело е наш аманет и патоказ за нас и за идните генерации. Делчево денес со посебен пиетет се поклонува пред спомен-обележјето на нашиот патрон, гордо промовирајќи ја неговата визија вткаена во темелите на македонската национална мисла. Делчев е лик кој обединува, симбол на просперитет и напредна мисла - истакна Гоцевски.
Во рамки на одбележувањето, во СОУ „М.М. Брицо“ ќе се одржи историски час посветен на ликот и делото на Гоце Делчев, на кој свои обраќања ќе имаат професорите Митко Антовски, Билјана Петровска и Спиридон Митевски.
Инаку, градот Делчево од 23 април 1950 година, со одлука на Президиумот, го носи името на Гоце Делчев – великан, идеолог и деец на Македонската револуционерна организација. вс/дма/
Фото: МИА