Гаши и амбасадорот на Кореја разговараа за кандидатурата за генерален секретар на Интерпарламентарната унија
- Кандидатурата на Република Кореја, која за генерален секретар на Интерпарламентарната унија - ИПУ го кандидира Сангсу Џун беше во фокусот на средбата на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, со амбасадорот на Република Кореја во Скопје, Ким Донгбае.
- Post By Ангела Рајчевска
- 16:17, 25 mars, 2026
Скопје, 25 март 2026 (МИА) - Кандидатурата на Република Кореја, која за генерален секретар на Интерпарламентарната унија - ИПУ го кандидира Сангсу Џун беше во фокусот на средбата на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, со амбасадорот на Република Кореја во Скопје, Ким Донгбае.
На средбата учествувале и пратениците Оливер Спасовски, Бобан Карапејовски и Арбана Пашоли, членови на делегацијата на Собранието во ИПУ.
Според соопштението од Собранието, Гаши ги повикал членовите на советот на консултативна средба бидејќи тие ќе учествуваат во гласањето за нов генерален секретар на ИПУ. Изборот ќе се одржи на 19 април 2026 година, во рамки на 152. Собрание на ИПУ во Истанбул.

-Во таа насока, беше истакнато дека Собранието ќе го земе предвид секој кандидат за генерален секретар на ИПУ со должно внимание и врз основа на темелно разработен став, при што беше подвлечено дека иднината на организацијата зависи и од тоа колку нејзиното раководство ги препознава и застапува интересите на помалите и средните парламенти, стои во соопштението од Собранието.
Дополнуваат дека соговорниците разговарале и за можностите за подобрување на билатералните парламентарни односи, а на крајот на средбата била изразена заедничка определба за продлабочување на парламентарната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Кореја, на билатерален и мултилатерален план, особено во рамките на Интерпарламентарната унија.ар/са/
Фото: Собрание