• e hënë, 15 dhjetor 2025

Во Кратово прв пат „Денови на кариера"

Во Кратово прв пат „Денови на кариера

Кратово, 13 декември 2025 (МИА) - Кариерно советување на младите од североисточниот регион, претставување и пренесување искуства за професионален развој од страна на компании, институции и организации, презентација на различни професии во кои младите можат да ја градат својата иднина, е целта на настанот „Денови на кариера" што прв пат ќе се одржи во Кратово.

Закажан е за среда, 17 декември, а организатор е средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“, поддржано од Општина Кратово и хотел „Кратис“, во соработка со компании, институции и организации од Кратово и регионот.

-Нашето училиште во соработка со општината и општествени чинители за првпат организира „Денови на кариера“ во рамки на програмата за кариерно советување на младите од училиштето, а целта на настанот е да се соберат на едно место повеќе компании, институции и организации што ќе ја претстават својата професија, својот кариерен пат и ќе ги упатат младите за различните професии во кои можат да ја градат својата иднина. Истите на посебни штандови ќе имаат можност да ја претстават својата работа и да поделат промотивен материјал, но и да ги презентираат и можностите за соработка, меѓусебна поддршка и можности за волонтерство, пракса и имплементација на проекти, информира директорката на СОУ „Митко Пенџуклиски", Драгана Андреева Јакимова.

Настанот е наменет за ученици и млади лица од матичното училиште и училиштата од регионот, како и за сите млади луѓе кои се во потрага по својата идна професија.

-Идејата е присутните млади директно да се запознаат со претставниците од реалниот бизнис сектор, јавни и невладини организации и институции, со цел непосредно да се запознаат со нивните професии. Самиот настан ќе вклучи и кратка панел дискусија на која ќе се дискутира за кариерниот развој и перспективите на младите, додаде Андреева Јакимова, повикувајќи ги сите заинтересирани професионалци и млади да присуствуваат на настанот.

„Денови на кариера" ќе се одржи во среда напладне, во хотел „Кратис“, Кратово. ид/мч/

Фото: СОУ „Митко Пенџуклиски" Кратово 

 

QËNDRONI TË LIDHUR