Амбасадорката на Украина го посети Кавадарци
- Амбасадорката на Украина, Лариса Дир го посети Кавадарци, информираа вечерва од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Кавадарци, 12 декември 2025 (МИА) - Амбасадорката на Украина, Лариса Дир го посети Кавадарци, информираа вечерва од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
- Денеска во Кавадарци се одржа посебен настан во чест на децата од Украина, кои веќе две недели престојуваат во Михајлово. На настанот присуствуваа градоначалникот Митко Јанчев и амбасадорката на Украина, Лариса Дир. Престојот на децата во Михајлово е овозможен благодарение на поддршката и иницијативата на градоначалникот Јанчев, споделија од кабинетот на градоначалникот.
Оттаму соопштија дека во текот на својот престој, децата уживаа во спортски активности, културна програма, прошетки, дружење и престој во природа, создавајќи спомени што ќе ги носат долго.
- Ова уште еднаш го потврди пријателството меѓу двете држави и важноста на човечноста, солидарноста и грижата како најцврсти мостови што ги поврзуваат народите. Децата, нивните насмевки и нивната сила, се најголема мотивација, ваквите активности да продолжат. Настанот заврши во дух на благодарност, радост и искрена надеж, дека овие денови ќе останат како топол спомен во нивните срца. Кавадарци останува место што ќе ги пречекува со широко срце и искрено добредојде, истакнаа од градоначалничкиот кабинет. свд/са/
Фото : Фејсбук страница на градоначалникот Митко Јанчев