• e mërkurë, 04 shkurt 2026

Автопазар, цветен пазар и нови правила на зелениот пазар, кумановско „Пазаришта“ со план за финансиска стабилизација

Автопазар, цветен пазар и нови правила на зелениот пазар, кумановско „Пазаришта“ со план за финансиска стабилизација

Куманово, 3 февруари 2026 (МИА) - Новоназначениот директор на ЈП „Пазаришта“, Суад Зејнулаху, денеска најави новини во функционирањето на претпријатието што, според него, ќе придонесат за финансиска стабилност, подобро искористување на капацитетите и отворање нови пазарни содржини. Како што најави на прес-конференцијата, клучни проекти се отворање автопазар, трансформација на реонскиот  во цветен пазар и целосна регулација на тезгите на централниот пазар. Новото раководство на ЈП „Пазаришта“ најавува активен пристап кон финансиско заздравување преку нови пазарни содржини и подобро управување со постојните ресурси. Еден од главните проекти е отворање автопазар во село Долно Којнаре.

- Направивме истражување на пазарот и утврдивме дека постои голем интерес. Куманово е регионален центар и гравитираат и помалите општини. Важно е што ќе ги искористиме постојаните вработени, што значи дополнителен приход, без зголемување на трошоците, вели Зејнулаху.

На автопазарот ќе може да се продаваат возила, мотоцикли, скутери, автоделови.

-Интересот е навистина голем. Секојдневно имаме најави од луѓе кои прашуваат кога ќе се отвори автопазарот, изјави директорот.

Во однос на ценовникот, кој дел од советниците го оценија како висок, Зејнулаху остава простор за корекции.

Важен проект за менаџерскиот тим е трансформација на реонскиот пазар во центарот во цветен пазар. Таму има 18 дуќани, од кои во моментов се издадени само два.

- Неисплатливо е да одржуваме простор што е речиси празен. Нашата идеја е таму да биде цветен пазар, како во европските метрополи. Локацијата е одлична и има голем паркинг простор, објасни Зејнулаху.

Планирано е отстранување на оградата за просторот да стане поотворен и попристапен.

- Очекуваме овој простор да го користат цвеќари, декоратери и фирми што работат со украсување на настани. Тоа ќе донесе нов живот во тој дел од градот, додаде директорот.

И за зелениот пазар, како што кажа, ќе се воведе ред.

- Започнавме процес на регистрација на сите тезги. Даваме рок од 15 дена за склучување нови договори, изјави Зејнулаху.

Целта е модернизација и усогласување со европските стандарди. Интенцијата е да се создадат подобри услови, повеќе ред и воведување еко-тезги. Менаџерскиот тим ќе подготви и проекти за апликација за достапните фондови. ам/вј/

Фото: МИА

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR