• петок, 27 септември 2024

Oд Азербејџан во Србија еден милион кубни метри гас дневно во текот на оваа зима

Oд Азербејџан во Србија еден милион кубни метри гас дневно во текот на оваа зима

Белград, 26 септември 2024 (МИА)- Министерката за енергетика на Србија Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и министерот за енергетика на Азербејџан Парвиз Шахбазов потпишаа денес во Белград Меморандум за разбирање за соработка во областа на зелената енергија меѓу двете земји, а претставниците на Србијагас и азербејџанската компанија СОКАР потпишаа договор за снабдување со гас со кој се предвидува добивање до еден милион кубни метри дневно за потребите на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Минатата година во Баку потпишавме меморандум меѓу двете министерства како и договори меѓу нашите компании, гасни компании, во кои се предвидува Србија да добива до 400 милиони кубни метри гас годишно до 2026 година, а потоа овие количества може да се зголемат на милијарда кубни метри. Србија ќе може да смета на милион кубни метри гас дневно од Азербејџан во текот на оваа зима, всушност од 1 ноември до 31 март, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ по потпишување на договорите.

Таа посочи дека средбата била добра можност за воспоставување и подобрување на односите меѓу двете земји во областа на енергетиката и зелената енергија.

Според неа соработката меѓу Србија и Азербејџан во енергетскиот сектор станува сеопфатна и стратешка, што значително придонесува за подобрување на севкупните билатерални односи меѓу двете земји.

На средбата разговарано е и за зелениот енергетски коридорот, во кој Азербејџан има централна улога, кога станува збор за идното снабдување со зелена енергија за земјите од Централна и Источна Европа, и за улогата на Србија поради нејзината позиција.

Министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, изјави дека во изминатите месеци и години соработката меѓу двете земји во областа на енергетиката значително напредувала, нагласувајќи дека потпишаните документи овозможуваат дополнително зголемување на испораките на гас од Азербејџан, како и проширување на соработката во областа на енергетската транзиција.

-Разговаравме и за можноста Србија да стане дел од Зелениот коридор меѓу Каспискиот регион и Југоисточна Европа, бидејќи Србија веќе граничи со три земји кои учествуваат во проектот и може да игра улога и на корисник и на транзитна земја, рече Шахбазов.

Срспката министерка Ѓедовиќ Хандановиќ, посочи да Србија во следните неколку години ќе ги зајакне преносните капацитети со Романија, Бугарија и Унгарија, а со изградбата и завршувањето на Трансбалканскиот електроенергетски коридор, капацитетите со Црна Гора и индиректно со Италија ќе бидат значајни.

-Сето тоа, се разбира, треба да се земе предвид кога зборуваме за нови зелени коридори, важни за Европа, важни за овој дел од регионот, рече таа. об/ссм/

Остани поврзан