• петок, 13 декември 2024

Џафери ќе договора термин за дебата за интерпелацијата на Спасовски

Џафери ќе договора термин за дебата за интерпелацијата на Спасовски
Скопје, 22 април 2021 (МИА) - Интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, која е на дневен ред на денешната 39. седница, ќе се одржи откако, како што најави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе го усогласи терминот со поднесувачите на барањето, пратениците од Алијансата за Албанците и Алтернатива, и со министерот Спасовски. Џафери, кој беше гостин на ТВ 24, во врска со интерпелациите што беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, повтори дека рокот за нив поминал, бидејќи опозициската партија побарала тие да бидат тргнати од дневен ред од 36. седница и оти сега доколку сметаат дека треба нека ги поднесат повторно. - Најдобро е повторно да достават нова иницијатива, рече Џафери. Според претседателот на законодавниот дом, работата на пратениците „не се гледа“ поради сите ситуации што се случуваат таму и околу Парламентот, а како пример посочи на, како што рече, низа јавни расправи што се одржале и во услови на пандемија. - Но, наместо да се занимаваат со своите работи тие (пратениците од опозицијата) се занимаваат со она што е моја надлежност, вели Џафери. Во контекст на бројот на пратеници од владејачкото мнозинство, немањето кворум, однесувањето на опозицијата и амандманските блокади и ефикасноста на Парламетот, претседателот на Законодавниот дом не се согласува дека Собранието е неефикасно, најавувајќи дека наскоро ќе биде готова анализата колку закони и колку други точки поминале или не биле донесени на досега одржаните 39 пленарни седници. На забелешката дека некои пратеници не доаѓаат редовно на седници односно доаѓаат само за гласање, немаат обраќања и земаат плата, меѓу кои и лидерот на ДУИ Али Ахмети, Џафери тврдеше дека тој доаѓал на седници. - Доаѓа Али Ахмети, зошто не доаѓа. Ќе дојде да гласа. Немате право да му се мешате на пратеникот дали ќе говори или не, рече Џафери, додавајќи дека Ахмети бил редовен и најдисциплиниран од сите нив. Насилните настани што се случија во Собранието на 27 април 2017 година, кога беше изборот на Џафери за претседател на законодавниот дом, според него, никогаш не требало да се случат и тоа не смее да се повтори. - Мислам дека мозинството од тогаш наваму направи исчекор во помирувањето, но не смее да се заборави за да се имаат предвид искуствено да не дозволи друга гарнитура да се повтори тоа, рече претседателот на Собранието. На прашањето дали планираат некако да се одележи овој настан, Џафери рече дека би можело да се размисли за тоа. Запрашан што мисли за пресудите што се однесуваат на новинарите кои беа вечерта во Собраието, тој рече дека не му се баш логични одлуките на судот, но во принцип не би се мешал во одлуки на друга власт. - Во која било форма сите бевме натепани (физички или психички) што бевме внатре, без исклучок, рече Џафери, додавајќи дека тоа се процедури кои веројатно треба правно да се допрецизираат а соодветните институции кои ја набљудуваат нивната работа ќе го кажат свој конечен став. ев/сп/

Остани поврзан