• четврток, 12 ноември 2026

Шестмина загинати во украински напади врз Белгород, седум жртви во руски напади врз Украина

Шестмина загинати во украински напади врз Белгород, седум жртви во руски напади врз Украина

Москва/Киев, 17 август 2026 (МИА) - Најмалку шест лица загинаа, а четири се повредени во украински ракетни напади врз руската Белгородска област, додека во руските напади врз Украина загинаа најмалку седум лица, а повеќе од 39 се повредени.

Вршителот на должноста гувернер на Белгородската област, Александар Шуваев, утринава на „Телеграм“ напиша дека меѓу повредените е и 14-годишно дете, пренесе „Би-Би-Си“. Шуваев наведе и дека во новите напади изгорела една зграда и бил оштетен автомобил во селото Колосково во Валујскиот округ, во близина на руската граница со Украина.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руската противвоздушна одбрана ноќеска соборила 205 украински беспилотни летала над руски региони и над водите на Азовското и Црното Море.

Беспилотни летала биле пресретнати и уништени над Астраханската, Белгородската, Брјанската, Воронешката, Волгоградската, Калушката, Курската и Ростовската област, како и над водите на Азовското и Црното Море. Дронови биле соборени и над украинскиот полуостров Крим, соопшти руското Министерство.

Москва во последните недели ги засили ракетните напади низ Украина, додека Киев исто така ги интензивира нападите со беспилотни летала длабоко на руска територија.

Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гаѓање цивили. аб/ссм

фото/МИА архива