• петок, 27 септември 2024

Четврто издание на Лешочкиот камерен музички фестивал

Четврто издание на Лешочкиот камерен музички фестивал

Тетово, 25 септември 2024 (МИА) - Лешочкиот камерен музички фестивал оваа година ќе се одржи по четврти пат во Духовно Културниот Центар „Кирил Пејчиновиќ“ во  Лешок на 30 септември и 2 октомври 2024 година. На двете фестивалски вечери ќе има по два концерти.

-На свеченото отворање на 30 септември на првиот концерт во 18 часот ќе настапат дуетот гитари „Милонга” во состав Дејан Лазаревски и Аександра Кировска. На вториот концерт од 19 часот ќе настапи Дајана Малорари Пајазити-сопран и Едита Руси-пијано.  Дајана и Едита  живеат во Тетово, а Дајана работи во музичкото училиште во Тетово. Тоа е идејата на фестивалот, да настапуваат уметници од полошкиот регион. На втората фестивалска вечер првиот концерт  во 18 часот е резервиран за младите музички уметници, Никола Соколовски-кларинет кој ќе настапи во пијано придружба на Билјана Петровска, а како камерен гостин на концертот ќе настапи Филип Трајковски-хармоника. На вториот концерт ќе настапат гостите од Турската Република Северен Кипар- Руја Танер-пијано и Куршат Башар-саксофон со нивниот проект „Од регионално до глобално“ (From regional to global), информираше Маја Шутевска Кировска од организацијата на фестивалот.

Целта на фестивалот е приближувањето на различните култури преку универзалниот јазик – музиката, како и промовирање на истакнати и млади музички уметници од Полошкиот регион, со едно гостување од странство. Организаторите како концертни уметници кои настапуваат во странство, оваа идеја ја пренесуваат од учеството на фестивали кои се организираат на необични, планински или егзотични места кои се од особено културно значење за регионот.

-Воедно овој фестивал  претставува и промоција на регионот во кој настаните од ваков вид се во многу мал број. Идејата за фестивалот на необично и егзотично место тлееше во нас веќе подолг период и многу сме среќни што во 2021 ва година успеавме за прв пат да го реализираме овој фестивал. Инаку, одржувањето на вакви фестивали на необични, атрактивни локации се од особено културно значење за една земја и се веќе долги години во тренд во сите поразвиени европски земји. Покрај заживувањето на концертниот живот во Полошкиот регион,  мотото на фестивалот е „Зближување  преку уметноста-приближување на различни култури преку универзалниот јазик-музиката“, посебно на двете најголеми етнички заедници во овој регион македонската и албанската. Оваа наша идеја ,  ја поддржа диригентот проф.Ивица Зориќ, на чија иницијатива е направена убава концертна сала во Лешок со клавирот на нашиот доајен Тодор Скаловски-Тетоец, истакна Маја Шутевска Кировска

И оваа година Министерството за култура го поддржа финансиски одржувањето на фестивалот.ас/са/

Фото: Лешочки камерен музички фестивал 

Остани поврзан