• петок, 29 ноември 2024

УЈП со хуманитарна акција и доделување награди на ученици го одбележа Денот на даночните работници

УЈП со хуманитарна акција и доделување награди на ученици го одбележа Денот на даночните работници

Скопје, 29 ноември 2024

Вработените во УЈП во рамки на програмата за одбележување на „Св. Матеј“ – Ден на даночните работници и годинава реализираа традиционална хуманитарна акција под мотото „Биди човек, биди хуман“. Како и претходните години, вработените во УЈП донираа парични средства со кои обезбедија донација за основното училиште со ресурсен центар „Св. Климент Охридски“ во Ново Село.

Во име на вработените во Управата за јавни приходи, донацијата ја врачи директорката Елена Петрова која изјави дека:

„Со лични средства кои ги донираа даночните работници, а според утврдените потреби на училиштето набавени се: Инвертер клима-уред, машина за перење со капацитет од 11 килограми, средства за хигиена и чоколади, она на што најмногу се радуваат децата. Вкупната вредност на донацијата изнесува 123.000 денари. Директорката Петрова, при врачувањето на донацијата истакна дека целта на оваа акција е да се поддржат најмладите и да се овозможат подобри услови за нивното образование и секојдневие.

„Секако би сакала оваа наша акција и донација да биде мотив и за останатите институции и поединци да поддржуваат вакви иницијативи и да го зајакнуваат духот на заедништво и емпатија во нашето општество.“ – рече Петрова.

Донацијата ја прими директорката на училиштето, Слаѓана Радојчиќ, која изрази благодарност за посетата на директорката на УЈП Петрова и за поддршката од вработените во УЈП, нагласувајќи го значењето на оваа донација за подобрување на условите во училиштето кое функционира од 1986 година, а во моментов во него учат 29 ученици со попреченост, од трето до деветто одделение. Од нив 15 се интернатски сместени, а 14 патуваат од и до училиштето секој ден. Училиштето е и ресурсен центар кој го покрива југоисточниот регион на државата.

Денес, во рамки на активностите по повод „Св Матеј“, тим од УЈП предводен од помошник директорката Тања Анчевска на учениците од СОУ „Ристе Ристевски – Ричко“ во Прилеп ја врачи наградата за најкреативното видео на Конкурсот „Данок плати – во иднина да ти се врати“, која УЈП ја реализираше во претходниот период со сите средни училишта од земјава.

Како награда на училиштето му беше доделен преносен компјутер, додека на тројцата ученици кои го изработија видеото, им беа доделени безжични слушалки, а за останатите ученици од одделението пригодни подароци.

Помошник-директорката ги пофали учениците за нивната креативност и разбирањето на важноста за плаќањето на даноците, а раководителот на секторот за даноци, услуги на даночни обврзници, Мухедин Авдиќ, преку кого се реализираа активностите за „Фискалната едукација“ истакна дека:

„Во рамките на делокругот на работа на Управата за јавни приходи се спроведува „Фискална едукација“ за млади за тоа што значи плаќањето даноци и кои се придобивките. За таа цел секоја година, УЈП ги посетува средните училишта во земјава. Оваа година УЈП распиша конкурс за најдобро видео со цел учениците интерактивно да учествуваат во едукацијата.

На Конкурост беа доставени 22 видеа, изработени од исто толку средни училишта. Сите беа навистина добро направени, комисијата имаше тешка задача, но сепак одлучивме како најдобро да биде видеото од учениците од струката графички уредник-дизајнер од средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ од Прилеп.

Награденото видео учениците го изработиле за кусо време преку кое прецизно ја нагласиле целта дека доколку се плаќа данокот, тоа им се враќа за подобро секојдневие на граѓаните.

„Учествуваме на конкурсот и во навистина краток период, во еден ден, учениците од струката графички уредник-дизајнер го подготвија видеото. За идејата во видеото тргнавме од мислата за тоа дека доколку не се плаќаат даноците, улиците и училиштата ќе бидат руинирани. Горд сум на учениците што добија прва награда, – рече Александар Костадиноски, професор и ментор на тимот во електромашинското училиште „Ристе Ристески Ричко“.

Управата за јавни приходи со оваа акција и наградниот конкурс за училиштата кои учествуваат во „Фискалната едукација“ уште еднаш ја потврдија својата улога во процесот на едукација за општествена одговорност и за поддршката на образованието и младите како и хуманиот гест кој испрати порака дека секој мал чекор може да доведе до големи промени во заедницата.

„Биди човек, биди хуман – заедно градиме подобра иднина!“

 

Управата за јавни приходи 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: УЈП

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан