• четврток, 17 јули 2025

Тиквешкото востание - еден од најкрвавите настани во македонската историја

Тиквешкото востание - еден од најкрвавите настани во македонската историја

Скопје, 20 јуни 2025 (МИА) - Во втората половина нa јуни 1913 година, во Тиквешката Околија (Кавадарци, Неготино, Ваташа и други места во тој крај) македонското население се дига на вооружено востание против српскиот окупатор, познато како Тиквешко востание.

Востанието претставува прв помасовен вооружен бунт во отпорот против новите српски власти, којшто се појавил веднаш после Првата балканска војна. Бунтувањето, всушност, е предизвикано од насилствата од штотуку дојдените српски војски и окупаторските власти врз Македонците и останатото население во тиквешкиот крај. Димитрија Чуповски е еден од мнозината кои пишуваат за тоа насилство. Во својот весник „Македонски глас“, тој особено говори за српскиот и грчкиот терор во Македонија после Балканските војни. Пишувајќи за Вардарскиот Дел на Македонија и за масакрите и насилството врз Македонците во 1913., Чуповски наведува: 

„Во селата кај Демир-Капија, Србите бараат оружје кај Македонците... 90 Македонци биле претепани, ограбени и упатени во Велес... Во Битола - 51 убиен Македонец... Во Крушево претепани петмина“... итн.

Според други сведоштва, и во Тиквешијата, спроведувајќи ги наредбите од Белград, српските окупаторски власти веднаш почнале со прогон и репресии. И, нагласката скоро веднаш е ставена на асимилацијата, па следеле и закани дека сите кои се спротивставуваат на србизацијата - ќе бидат погубени...

Процесот на насилна асимилација почнува веднаш, и тоа со протерување и затворање на сите дотогашни наставници и други интелектуалци и поставување српски учители, свештеници итн. Оние Македонци кои сакале да останат и да учителствуваат во својот роден крај, биле испраќани во Белград на учење српски јазик - за да може да предаваат на српски.

Српскиот терор е жесток уште на самиот почеток, а револтот на Тиквешани станува сè поголем. Следат и првите убиства, тепања, мачења... Српската полиција го убила и Александар Видов - член на ВМОРО и на Општинската управа во Кавадарци. Со вжештено железо, сурово била мачена и Наца Пинџурова - мајка на револуционерот Димитар Пинџуров и баба на македонскиот партизан Страшо Пинџур кој 30 години подоцна бил убиен од бугарските окупатори...

Следело силувањето на млада невеста од Ваташа - од страна на српскиот поручник Милан Крековиќ. Погубена е потоа и цела турска фамилија од 50-на души, меѓу кои има заведени и деца.

Со поддршка на ВМОРО, на 12 јуни свикано е собрание со делегати од повеќе места во Тиквешијата. На крајот, тие едногласно решиле да се крене востание и да основаат востанички штаб. Во тоа тело влегле видни револуционери од тој крај, кои учествувале и во Илинденското востание. Меѓу поистакнатите војводи биле: Дончо Лазаров, Коце Сеизов, Тодор Камчев, Димитар Пинџуров, Михаил Шкартов и десетици други. Бројот на востаниците е околу 1.000, од кои 200 луѓе се обични граѓани - жители на Тиквешијата, а останатите се комити на ВМОРО.

Востанието било означено со палење огнови во селата.

На самиот почеток востаниците постигнуваат успех. На 19 јуни четите на Лазаров и Шкартов ги истеруваат српските војници од Неготино. Српските власти испраќаат нови чети кон градот, но и тие се разбиени. Востаниците продолжуваат натаму и истиот ден ги протеруваат српските чиновници од општинската зграда во Кавадарци. Овде, симнувајќи го знамето на Србија, го поставуваат тиквешкото револуционерно знаме. На 20 јуни е одржано и Свечено собрание на коешто е избрана градска управа од 12 видни кавадарчани.

Тиквешкото револуционерно знаме било изработено во март 1903 година - неколку месеци пред Илинденското востание, во куќата на Јованче Михајловски, а го шиеле Евгенија Михајловска, Тима Минчева, Лефтерка Грозданова и Ана Иванова. Знамето не е зачувано, но постојат сведоштва и описи коишто овозможуваат реконструкција на тоа востаничко знаме.

После седум дена Србите испраќаат поголема војска предводена од Василие Трбиќ, Јован Бабунски и Јован Долгачот. Србите се осојузуваат и со потурчениот Албанец Јаја-ага, кој со вооружени 250 лица башибозук му се придружува на Трбиќ.

Македонските востаници побарале помош и од Четвртата бугарска армија, но помошта не стигнала. Востаниците се повлекуваат, а Србите почнуваат со одмазнички немилосрдни убиства, апсења, мачења, силувања, пљачкосување...

Според Карнегиевата комисија, бројот на загинатите надминувал 1.000. Многу од загинатите биле живи исфрлани во длабоки јами, а тела биле фрлани во Вардар.

Околу 2.700 лица биле затворени, а околу 1.000 куќи и дуќани биле изгорени - пред сѐ во Кавадарци и во Неготино.

Тиквешкото востание е еден од најкрвавите настани во историјата на Македонија. Но, само неколку месеци потоа, во Вардарскиот Дел на Македонија се случило уште едно востание против српската власт - овојпат во охридско-дебарското подрачје.  си/

Фото: Википедија, в. „Македонски глас“, Фејсбук.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан