• петок, 15 мај 2026

Тактичко-показна вежба за евакуација и гасење пожар успешно реализирана во СОУ „Миле Јаневски-Џингар"

Тактичко-показна вежба за евакуација и гасење пожар успешно реализирана во СОУ „Миле Јаневски-Џингар

Македонска Каменица, 6 мај 2026 (МИА) – Во Средното општинско училиште „Миле Јаневски-Џингар“ денеска беше успешно реализирана тактичко-показна вежба на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Македонска Каменица, посветена на евакуација, спасување и гасење пожар.

Преку симулација на реална ситуација, припадниците на ТППЕ ја демонстрираа својата подготвеност, брза реакција и висок степен на координација, потврдувајќи ја професионалноста и посветеноста во заштитата на граѓаните.

-Вежбата имаше за цел да ја подигне свеста и подготвеноста кај учениците и вработените за справување со итни ситуации, како и да придонесе кон јакнење на безбедносната култура во образовните институции, информираа од училиштето.

Вежбата ја проследи и градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, која истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи да вложува во мерки и активности кои ја зголемуваат безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Воедно, таа изрази искрена благодарност до ТППЕ Македонска Каменица за нивната пожртвуваност и професионален ангажман. вс/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан