• четврток, 19 ноември 2026

Судење за „Пулс“: Обвинителството го оспоруваше кредибилитетот на вештакот, одбраната најави барање за супервештачење

Судење за „Пулс“: Обвинителството го оспоруваше кредибилитетот на вештакот, одбраната најави барање за супервештачење

Скопје, 8 октомври 2026 (МИА) – За време на вкрстеното испрашување од страна на Обвинителството, вештакот Петре Русески, кој има изработено градежно вештачење за одбраната, на денешното рочиште за „Пулс“ во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје, остана на ставот дека од градежен аспект објектот не претрпел реконструкција ниту пренамена, туку се работело исклучиво за ентериерно уредување.

Според тврдењата на вештакот Русески, објектот од самиот почеток е проектиран и изведен за деловна намена, што според Законот за градење го прави ист вид на објект и по неговото приспособување во дискотека.
​
-Во смисла на Законот за градење нема пренамена на објектот. Тој е проектиран и изведен за деловна намена. Со изведувањето на дискотека, од градежен аспект нема пренамена — повторно е деловен. Законот за градење предвидува само две класи: деловен и станбен објект, додека дејноста и класата на намена ја дефинира урбанизмот - изјави Русески пред судот. 

На прашање "според вас од градежен аспект, пожарот настана во дискотека, кабаре или салон за теписи?", вештакот рече: 

-Пожарот е случен во деловен објект од градежен аспект, а во однос на дејноста тоа го дефинира урбанизмот - изјави сведокот.

На прашањата од Обвинителството околу одговорноста и документацијата на обвинетиот Дејан Јованов, вештакот појасни дека инвеститорот ги исполнил сите обврски за добивање лиценца за работа преку ангажирање на соодветни лиценцирани компании и стручни лица. 

-Од целокупната документација може да се заклучи дека Дејан Јованов ангажирал стручни лица од областа на проектантските друштва, архитектурата и противпожарната заштита заради обезбедување на потребната документација. Од страна на Јованов биле запазени сите обврски како угостител, а за евентуалните недостатоци единствено одговара стручното лице од одредената област - посочи сведокот. 

Вештачот прашан дали констатира дека "во конкретниот случај од целокупната документација може да се заклучи дека Дејан Јованов ангажирал стручни лица од областа на проектантско друштво, архитектура и противпожарната заштита заради обезбедување на потребната документација која ја доставувал за издавање на лиценца за работа, при што може да се заклучи дека од страна на Јованов биле запазени и исполнети сите обврски како угостител и за евентуалните недостатоци единствено одговара стручното лице од одредена област", упати на тоа дека врз основа на поднесена документација СВР Штип имал издадено дозвола за угостителска дејност - кабаре. 

- СВР Штип во врска за барање за согласност за добивање лиценца за кабаре наведено е дека кон барањето подносителот има приложено основен проект изработен од Венци проект, кој содржи сообраќајно решение, елаборат за заштита при работа и елаборат за заштита од пожари, исто така има и согласност за користење на две парцели предвидени како јавни паркиралишта од Општина Кочани. Приложени се и два изводи од ДУП-от на Град Кочани. Врз основа на таа документација СВР Штип има издадено дозвола за вршење угостителска дејност кабаре. Што значи дека Дејан Јованов преку стручни лица кои ги ангажира ја обезбедил целокупната документација - изјави сведокот. 

Прашан ако Дејан Јованов ја имал сета потребна документација, зошто никогаш не ја доставил до Општина Кочани за одобрение,  сведокот рече дека  рекол дека за тоа не му е потребно одобрение за пренамена, зашто од градежен аспект на објектот не била правена пренамена, туку само градежно-занаетчиски зафати.

-Со оглед дена нема доградба, немал потреба од општината да бара одобрение за реконструкција или градба и нема потреба од поднесување на документицијата, туку му се потребни елаборати само за добивање на лиценца за дејност- изјави сведокот.
​
Тој, исто така, остана на ставот дека за изведените градежно-занаетчиски зафати и внатрешното уредување не било потребно да се бара одобрение за реконструкција или градба од Општина Кочани, бидејќи немало доградба, туку биле потребни само соодветни елаборати за добивање лиценца за угостителска дејност. 

Прашан дали Елаборатот за заштита од пожари до ДЗС имал обврска да го достави инвеститорот Дејан Јованов, сведокот рече "Не, туку општината. Овде зборувам за постапката за одобрение за градење". 

- После тоа. Тој треба да постапи согласно законите за добивање на лиценца - изјави сведокот. 

На почетокот на вкрстеното испрашување, Обвинителството ја проблематизираше стручноста и кредибилитетот на вештакот Петре Русески, отворајќи прашања за неговото образование, познавањето на Законот за градење, на што одбраната реагираше со приговори барајќи да се поставуваат суштински прашања за побивање на наодот, при што најави дека доколку вештите наоди на Обвинителството и на одбраната не се совпаднат, ќе побара изработка на супервештачење за конкретната област. 

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, на пауза од денешното рочиште, во изјава за медиуми реагираа како е можно мислењето на ова вешто лице од одбраната да се користи за оспорување на целокупното вештачење, кога тоа се изјаснува само од градежен аспект и од неговите одговори се гледа дека не може да одговори на сите прашања што произлегуваат од вештачењето на обвинителството. 

-Вештачењето на обвинителството не го опфаќа само градежниот аспект, туку повеќе области – урбанизам, градежништво, ДЗС, противпожарна заштита и други прашања поврзани со случајот. Затоа, ако вештакот на одбрана не може стручно да се изјасни за сите тие области, тогаш неговото мислење е ограничено на она за што е повикан и за што има стручна компетентност. А сега, кога одбраната бара супервештачење, останува на судот да оцени дали навистина постојат суштински и неразрешливи спротивности меѓу вештачењата или повторно се бара ново вештачење само затоа што постојното не ги потврдува тезите на одбраната - изјави Александар Наунов. 

Ние родителите, нагласи Наунов, очекуваме судот внимателно да ја утврди границата на секое вештачење и стручноста на секој вештак, затоа што во овој случај не станува збор за обична стручна расправа, туку за утврдување на одговорноста за најголемата трагедија што ни се случи. 

Во судница на денешното рочиште беше присутно и вештото лице од Обвинителството, професорот Горан Марковски. 

За време на рочиште беше повикана и брза помош, откако на паузата на еден од адвокатите од одбраната му се слоши. 

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. 

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредни. аа/вг/

Фото: МИА Архива