Синдикатот на УЈП утре ќе достави предлог за нов медијатор, Јовевски побарал изземање
- Претседателот на синдикатот „Солидарност“ - УЈП, Васе Недановски попладнево потврди дека назначениот помирувач Лазар Јовевски денеска побарал изземање.
Скопје, 26 јуни 2023 (МИА) - Синдикатот „Солидарност“ - УЈП утре најверојатно ќе испрати предлог за нов медијатор до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) откако денеска назначениот помирувач Лазар Јовевски побарал изземање.
Како што изјави за МИА претседателот на синдикатот Васе Недановски, Јовевски бил во странство и не можел да се врати во рокот од три дена, кога треба да постапи.
-Помирувачот се иззема. Бил во странство, а рокот за да постапи му е три дена. Во тој период не можел да се врати. Утре ние треба да предложиме некого, да пуштиме писмо до Министерството за труд и социјална политика, рече Недановски за МИА.
Вицепремиерот за економски пршања Фатмир Битиќи смета дека вработените во УЈП сепак нема да стапат во генерален штрајк. Тој е оптимист и се надева, истакна денеска, дека ќе се најде решение.
-Генерален штрајк не би требало да се случи зашто вработените во УЈП, како и сите други вработени во јавниот сектор, заслужуваат достоинствени плати, изјави Битиќи.
Синдикатот „Солидарност“ - УЈП засега не отстапува од одлуката за генерален штрајк доколку нема зголемување на платите за 30 проценти. мч/дма/
фото: МИА архива